
Колона возила која се протега се до црквата „Св. Илија“ на влезот во Стар Дојран претпладнево го блокира сообраќајот на регионалниот пат кој води кон граничниот премин “Дојран”. Застојот трае веќе четири часа, потврдуваат од ГП “Дојран”, од каде велат дека причина е огромниот број на возила за кои надлежните служби од грчка страна веќе немале капацитет да ги примат, па метежот се прелеал од македонската страна на границата.
– Застојот е на грчка страна, цело време сме во контакт со грчките служби од каде не известуваат дека се работи максимално со сите расположливи капацитети, но бидејќи веќе е исполнета и меѓуграничната зона колоната премина и на наша страна, и еве веќе стигна до црквата „Св. Илија“. Дополнителен проблем е што е преполно и на ГП „Богородица“, па многумина одлучуваат да заминат од таму и да дојдат навака, со што практично гужвата се прелева кај нас, велат од ГП „Дојран“.
Од ГП „Дојран“ посочуваат дека почетокот на неделата традиционално носи поголем сообраќаен метеж кон Грција, бидејќи голем дел од туристичките аранжмани започнуваат во понеделник. Последните две недели гужвите се значително зголемени, особено поради периодот на крајот на јули и почетокот на август, кога најголем број граѓани го користат годишниот одмор.


