
На денешното судско рочиште против родителите на момчето убиец Коста Кецмановиќ во Белград, таткото Владимир Кецмановиќ се изјаснил за невин, пренесува српски „Информер“.
Според неофицијалните информации, Владимир Кецмановиќ пред судот изјавил дека не чувствува вина и дека обвинителството нема цврсти докази против него.
„Не сум виновен, обвинителството ме мести, немаат никакви докази против мене“, рекол Владимир Кецмановиќ за време на рочиштето.
Судењето против родителите на Коста – Миљана и Владимир Кецмановиќ продолжи денеска во атмосфера исполнета со тешки емоции, особено по прикажувањето на фотографии и видеоматеријали од местото на масакрот во основното училиште Основно училиште „Владислав Рибникар“.
Во судницата присуствувале и родителите на убиените деца, кои повторно биле соочени со потресните сцени од трагедијата што ја потресе Србија и целиот регион.
Масовното убиство во училиштето „Владислав Рибникар“ се случи на 3 мај 2023 година, кога тогаш тринаесетгодишниот Коста Кецмановиќ со пиштол на својот татко уби девет ученици и еден обезбедувач, а рани уште пет деца и еден наставник.
Случајот предизвика огромна јавна реакција во Србија и отвори бројни прашања за одговорноста на родителите, достапноста на оружје и безбедноста во училиштата.



