Утрински Весник
Свет

Извор од Хамас: Милитантната група ја одобри првата фаза од договорот со Израел

Hamas.webp.webp

Извор од Хамас тврди дека милитантната група ја одобрила првата фаза од договорот за ослободување заложници со гаранција од САД дека Израел целосно ќе се повлече од Газа по 124 дена, кога ќе бидат завршени сите три фази од договорот.

Израелскиот Канал 12 цитираше неименуван претставник на Хамас дека египетските и катарските посредници му ги пренеле американските гаранции на Хамас.

Тие денеска во Каиро треба да се сретнат со претставници на Хамас, објави „Тајмс оф Израел“.

Израел постојано инсистираше на тоа дека нема да прифати крај на војната во Газа како дел од потенцијалниот договор за заложници.

Договорот, како што се наведува, вклучува и ветување поддржано од САД дека Израел нема да ја почне планираната воена операција во Рафа во јужниот дел на Газа, каде што повеќе од милион Палестинци се засолниле поради тековниот конфликт.

Најновиот предлог, наводно, вклучува прва фаза која ќе трае до 40 дена во која ќе бидат ослободени до 33 од повеќе од 100 израелски заложници кои Хамас ги држи во Газа од 7 октомври, додека втората фаза ќе трае најмалку шест недели и во тоај период би биле договорени понатамошни ослободувања на заложници и продолжување на паузата во конфликтите.

Се верува дека првата фаза ќе овозможи враќање на Палестинците во северниот дел на Газа, при што САД велат дека Израел се согласил на неограничено враќање на цивилите во Газа во областите кои ги „исчистиле“ израелските одбранбени сили.

Таа вклучува и ослободување на стотици палестински затвореници во замена за ослободување на заложниците киднапирани на 7 октомври.

Извор од Хамас, цитиран од Канал 12, рекол дека се „постигнати компромиси“ во врска со бројот на палестински затвореници што треба да бидат ослободени во замена за секој израелски заложник.

Прашањето за дозволување на внесување на предмети со „двојна употреба“ во Појасот Газа, кои се однесуваат на хуманитарни резерви што би можеле да се користат за терористички цели, се уште се решава, додаде изворот од Хамас.

Извештајот доаѓа по официјалното соопштение на Хамас објавено доцна синоќа дека милитантната група испраќа делегација во Каиро „решена да обезбеди договор на начин кој ги исполнува барањата на Палестинците“.

Можете да прочитате

„Тесла“ ќе отпушти 600 вработени во Калифорнија

Можна е средба меѓу Зеленски и Бајден во наредните недели

Реакции на Зеленски и Путин за предлогот за прекин на огнот за време на одржувањето на Олимпијадата во Париз