Утрински Весник
Економија

Извештај на ЕК: Висока усогласеност со ЕУ во делот на монетарната политика

Izveshta Za Napredok Ek Monetarna Politika.jpg

Усогласеноста во делот на монетарната политика со европската регулатива, стандарди и практики и натаму е на високо ниво, се наведува во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата. Во извештајот се нотира дека монетарната политика беше соодветно поставена за справување со високата инфлација, како и дека инфлацијата е намалена од 19,8% во октомври 2022 година на 2,2% во август 2024 година. Во Извештајот се нагласува и потребата од дополнителни законски измени за зајакнување  на одредбите за независноста на централната банка.

„Основната цел на централната банка е да постигне и одржува ценовна стабилност. За да ги ограничи инфлацијата и инфлациските очекувања и притоа ја поттикне денаризацијата, централната банка ја зголеми основната камата, а реагираше и преку повлекување на ликвидност и преку задолжителната резeрва”, се наведува во Извештајот и се посочува дека централната банка престанала со затегнувањето на монетарната политика, штом се олабавиле инфлациските притисоци.

Европската комисија посочува дека банкарскиот сектор покажа дека е отпорен, додека макропрудентната рамка беше зајакната. Адекватноста на капиталот е значително повисока од регулаторните барања. Ликвидноста е висока, додека уделот на нефункционалните во вкупните кредити е на историски најниско ниво. Макропрудентната рамка е понатаму зајакната, со тоа што Народната банка продолжи да ја зголемува стапката на контрацикличниот капитал и воведе макропрудентни мерки за надминување на ризиците кај пазарот на недвижности.

Зајакнувањето на правната и институционалната рамка за обезбедување финансиска стабилност, исто така е истакнато во рамките на Извештајот, при што е посочено дека централната банка продолжила да ги унапредува механизмите за следење на ризици и усогласување на супервизорската рамка со барањата на ЕУ. Акцент во извештајот се става на донесениот Закон за решавање на банки за кој во тек е изработката на подзаконските акти.

Во извештајот се посочува и носењето на Законот на плаќања и платни системи во контекст на усогласувањето со европските директиви, како и поднесувањето на апликацијата за членството на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Исто така се истакнува дека централната банка отворила посебна организациска единица за заштита на потрошувачите и разгледување на нивните поплаки.

Можете да прочитате

Пад на продажбата на становите – најкапиот продаден стан е во Центар за 260.000 евра

Посета од претставниците на Федералните резерви на Њујорк на Народната банка за зајакнување на меѓународната соработка

Пилинг крема од кафе, играчки со сено, мед со лековити билки – избрани најдобрите зелени бизнис-идеи за 2025