Утрински Весник
Свет

Израел се подготвува да ja нападне Рафа, Египет предупредува дека ќе реагира

Египет внимателно ја следи ситуацијата околу Рафа во јужниот дел на Појасот Газа и е подготвен на сите сценарија, јавува ТВ каналот Ал Каиро, повикувајќи се на висок египетски извор.

Израел се уште не се откажува од нападот врз Рафа каде според информациите на ОН има повеќе од еден и пол милион палестински бегалци од целиот Појас Газа.

Претходно израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека извршиле напади врз цели во населбата Ал Шабура. Палестинските власти тврдат дека најмалку 70 цивили биле убиени за време на ноќните напади додека телата продолжуваат да се извлекуваат од урнатините на куќите.

– Египет внимателно ја следи ситуацијата во Рафа и е подготвен за сите сценарија – изјави анонимно функционерот за ТВ каналот.

Изворот додаде дека Египет повторно предупредува на ризикот од ширење на конфликтот во регионот поради продолжувањето на израелските напади врз Појасот Газа.

Претходно египетското Министерство за надворешни работи соопшти дека Каиро ги смета за апсолутно неприфатливи изјавите на израелските власти за нивната намера да извршат воена операција во Рафа, кој се наоѓа во близина на границата на Појасот Газа и Египет.

Египет се заканува дека ќе го суспендира мировниот договор со Израел доколку израелската армија влезе во густо населениот пограничен град Рафа во Појасот Газа.

„Јерусалим пост“ неодамна објави, повикувајќи се на изјавата на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, дека следна цел на израелските војници ќе биде градот Рафа на границата на Појасот Газа и Египет. ИДF досега избегнуваше да користи копнени трупи во Рафа за да не ги налути египетските власти.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во петокот им нареди на армијата и Министерството за одбрана да презентираат план за евакуација на цивилите од градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, каде што армијата проценува дека има уште четири баталјони на Хамас.

Високи претставници на ОН, како и клучните сојузници, ги засилија повиците до Израел да се воздржи од напад на преполниот град.

Шефот на ОН за човекови права, Волкер Тирк, рече дека целосна воена операција би била застрашувачка, имајќи предвид дека околу еден и пол милион жители на Појасот Газа се засолниле во областа. Шефот на агенцијата на ОН за палестински бегалци, Филип Лазарини изјави дека граѓанскиот поредок во градот се нарушува и се ограбуваат камиони со хуманитарна помош.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон го повика Израел „да застане и сериозно да размисли“ пред да преземе дополнителни активности во градот. Камерон нагласи дека цивилите немаат каде да бегаат. Шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, отиде подалеку и ги повика сојузниците на Израел да ја прекинат продажбата на оружје на земјата.

Израелската влада одговори со обвинување на западните лидери кои бараат запирање на активностите во Рафa за „соучесништво“ со стратегијата за човечки штит на Хамас. Израел, исто така, вели дека Рафах е последното упориште за борците на Хамас и е клучно за ослободување на преостанатите заложници во Газа.

Можете да прочитате

Турк: И Израел и Хамас извршија воени злосторства

Шпанската полиција разби мрежа која илегално извезувала одбранбени материјал во Саудиска Арабија

Галант против ослободување од воена служба на ултраортодоксните Евреи: Тоа е најважно прашање на националната безбедност