Тројца членови на проиранскиот шиитски Хезболах беа убиени денеска во напад на израелско беспилотно летало врз позиции во јужен Либан, во прекугранични судири што ги започна исламистичката група за поддршка на Палестинците во војната во Појасот Газа.
Тројца милитанти се убиени во автомобил на пат недалеку од градот Накура, изјавија извори за Ројтерс. Еден од нив бил експерт за оружје, додаваат изворите.
Израелската војска соопшти дека ги проверува извештаите за инцидентот. Хезболах претходно денеска објави дека извршил напад со експлозивно беспилотно летало врз штабот на израелската армија и дека бил директен удар. Како и исламистичкиот Хамас, Хезболах е сојузник на Иран, кој го напаѓа Израел од соседен Либан.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, која уследи по упадот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври и масакрот на 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапирањето на 250 од нив, има чести судири меѓу израелската армија и Хезболах, кој објави дека неговата вооружена кампања на границата е започната како поддршка за Палестинците во Газа.
Досега повеќе од 200 исламисти и околу 50 цивили се убиени во конфликтот меѓу израелската армија и Хезболах на либанска страна, додека десет израелски војници и пет цивили загинаа во нападите од Либан врз Израел. Десетици илјади Израелци мораа да ги напуштат своите градови и села долж границата со Либан, а исто толку Либанци беа внатрешно раселени поради војната.
Хезболах неделава стави до знаење дека е подготвен да ги запре нападите доколку заврши израелската офанзива на Газа. Вчера Хезболах ја потврди смртта на четворица свои членови.