Утрински Весник
Култура

Изложба на скулптури “Акт“ од Ненад Тонкин во Куманово

Изложба на скулптури “Акт“ од Ненад Тонкин во Куманово

На 20.10.2022 година, четврток со почеток во 20 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложба на скулптури на авторот Ненад Тонкин. Се работи за најновата продукција од 8 скулптури работени со комбинирани материјали.

dobivaj vesti na viber

Ненад Тонкин е воспитувач во градинка и академски скулптор. Неговата магистерска теза од областа на скулптурата го истражува и анализира уметничкиот предизвик при создавање скулптури инспирирани од цртежи на деца од градинка. Одржал и креирал неколку детски ликовни работилници. Дизајнира сценографија за театар. Изработува скулптури исклучиво со употреба на рециклирани материјали и најдени готови предмети. Насликал неколку мурали со поголеми димензии. Реализирал повеќе самостојни и групни ликовни изложби во земјата и странство. Автор е на музика за неколку театарски претстави. Компонира и издава своја авторска музика под псевдонимот Mammoth & Yashem. Бил член на музичката група Bei the Fish. Роден е и живее во Скопје. За својата најнова изложба Тонкин ќе запише:

“…АКТ е изложба на скулптури, со мал и голем формат, кои се дел од различни циклуси изработени и изложувани во различни периоди. Скулптурите одбрани да бидат дел од овој концептот ги спојува една главна карактеристика, тоа е фигурацијата, односно приказ на човечко тело. Другата важна заедничка особина за овие дела е што се изработени исклучиво со употреба на рециклирани материјали, отпад и ready-made / ready-found објекти.

Актот како ликовен мотив е многу честа појава во ликовното творештво. Претставено преку различни видови уметнички стилови, од класичен до апстрактен, човечкото тело е вечна инспирација за истражување и создавање. Во рамки на овој концепт уметникот се обидува да го претстави човечкото тело преку една друга, нетипична перспектива на набљудување на формата и суштината на телото. Така, има скулптури чие создавање е инспирирано од детски цртежи каде не се истакнува анатомијата и пропорциите на човечкото тело туку првенствено е запазен детскиот слободен и креативен израз. Има и такви скулптури кои се создадени врз основа на одредени чувства на уметникот или пак скулптури кои се вид на илустрација на негови претрпени стравови, од детството но и актуелни. Сепак, сите тие имаат или барем се трудат да имаат некаков облик со одредени карактерни црти и лик својствени за човечкото тело.“

Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 03.11.2022 година.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“