
Изгаснат е пожарот во викенд населбата Кумлак над градот Штип во кој беше повреден сопственик на викенд куќа спасувајќи си го својот објект од огнените јазици. Пожарникарот од ТППЕ-Штип, Александар Георгиевски кој учествувал во гаснењето на пожарот и спасувањето на сопственикот на викенд куќата вели дека повредниот е со изгореници по екстремитетите и има вдишано чад. Забележува дека денеска имале среќа што е спасен човечки живот.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов го посетија повредниот човек во штипската Клиничка болница. Ангелов во изјавата за медиумите вели дека според сведоци денешниот пожар е различен од оној вчерашниот кој избувна на речиси истата локација.
-Еден од сведоците е и повреденото лице, пожарот избил во близина на неговата викендица, нагло се проширил со силен оган. Теренот е стрмен лош, има многу сува висока трева, вегетација, трње, грмушки и е тежок за движење. Ветрот, кој што постојано дуваше ја влошуваше ситуацијата. Но, благодарение на одличниот менаџмент на градоначалникот на Штип во текот на вчерашниот и денешниот ден пожарот беше брзо изгаснат- изјави Ангелов.
Тој додаде дека во гаснењето на пожарот учествуваше и ер трактор од воздух, кој имал три исфрлања на вода од воздух. Ангелов информираше дека денеска од сервис се пристигнат и два ер трактори, со што во моментов нашата држава има три оперативни ер трактори и четири пилоти.
Директорот на ДЗС, Ангелов и денеска апелираше сопствениците на викенд куќи и населението во руралните подарачја превентивно да изораат околу нивните објекти, за да се спречи ширење на огнот.
Во гаснењето на пожарот во викенд населбата Кумлак во Штип учествуваа пожарникари од ТППЕ-Штип, доброволци од Доброволното противпожарно друштво –Штип, механизација на јавните претпријатија и месното население. Инаку во оваа викенд населба има околу 15 објекти и 30-тина лозови и овошни насади



