Утрински Весник
Македонија

Лажно соопштение дека Студентски отпор го прифатил владиниот модел за студентски оброк

Img 6952.jpeg

Од лажна електронска адреса, со злоупотреба на името на Студентски отпор, до медиумите е испратено соопштение во кое се тврди дека организацијата го прифатила понудениот владин модел за субвенциониран студентски оброк. Од Студентски отпор се оградија од пораката и нагласија дека таа не го претставува нивниот официјален став.

Во спорното соопштение се наведува дека наводно биле спроведени широки консултации со студентите, по кои била прифатена понудата од Владата и Министерството за образование.


Како дел од наводно прифатениот модел се споменуваат воведување систем „М студентски оброк“, зголемување на месечните средства од 3.500 на 4.500 денари, јавно објавување список на оператори и маркети каде што би се користеле средствата и попусти што би важеле до крајот на месецот, независно дали студентот ја потрошил сумата.

Во лажната порака се наведуваат и два наводни услова за прифаќање: решенијата да бидат внесени во Законот за субвенциониран студентски оброк, а списокот на компании и мерките да бидат јавно објавени пред неговото стапување во сила.

Студентски отпор предупреди дека пораките од адресата studentskiot1por@gmail.com не се испратени од организацијата и не ги претставуваат нејзините ставови.

Оттаму ги повикаа медиумите и новинарите да не го третираат спорниот материјал како официјално соопштение и да ги отстранат објавите на порталите и социјалните мрежи што произлегле од него.

Организацијата соопшти дека презема чекори за утврдување на потеклото на пораките и спречување на натамошната злоупотреба.

Можете да прочитате

Стојаноска ја нападна ВРЕДИ: Наместо да се разликува од ДУИ, одигра во нејзина корист

АЛТА банка ги затвора експозитурите за клиенти од утре

ОЈО: Мажот во Хром бил задушен со перница, жената во Ѓорче Петров починала од ударите