Жири-комисијата на претпоследниот состанок за доделувањето на наградата „Драги“ се одлучи во третиот и последен круг на селекција, т.н. shortlist, да влезат 5 преведувачи со изданија објавени од три издавачки куќи и преводи направени од пет јазици:
1. Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на „Артконект“.
2. Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на „Артконект“.
3. Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на „Бегемот“.
4. Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на „Артконект“.
5. Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на „Алеф публикации“.
За наградата „Драги“, првично беа номинирани 39 преведувачи со книги објавени од 17 издавачи и две приватни изданија. Во првиот круг влегоа 19 преведувачи од 9 издавачки куќи и едно приватно издание. Во вториота 10 п круг влегореведувачи и 7 издавачки куќи. Жири-комисијата е во состав Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач).
Иницијативата за оваа награда, која досега не беше препознаена ниту од државните ниту од локалните институции, а уште помалку од приватниот сектор, го доби своето прво јавно признание од страна на новата деканска управа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Факултетот станува партнер на „Антолог“ во организирањето на наградата. За организаторот, ова претставува исклучително важна соработка. Прво, затоа што Драги Михајловски целиот работен век го помина на овој факултет, а второ, затоа што улогата на Факултетот во создавањето на книжевните преведувачи не може да се спореди со улогата на ниедна друга институција во нашата земја.
Двете страни одлучија соопштувањето и доделувањето на наградата „Драги“ да биде на 2 октомври во 14 часот, токму на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните.
Претходно, на истата пригода ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.