
Директорката на Педијатриската клиника при Универзитетската болница во Парма, проф. д-р Сузана Езпосито, денеска пристигна во Штип за да го посети Симон Крстев – младиот штипјанец кој преживеа во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Посетата, како што соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, била остварена по покана на родителите на Симон, кои сакале лично да ѝ се заблагодарат на д-р Езпосито за грижата и поддршката што нивниот син ја доби во критичните денови по несреќата.
Симон бил префрлен во Парма на 18 март, два дена по катастрофалниот пожар во кој животот го загубија 62 лица. Во италијанската болница бил примен со тешки изгореници од втор степен и хемиска пневмонија, а таму добил сеопфатен третман и, според лекарите, и емотивна поддршка која му помогнала да се опорави и да се врати дома веќе на 1 април.
„Симон не само што беше лекуван, туку и доби поддршка која толку силно допре до него и неговото семејство, што тие ја поканија проф. Езпосито да дојде во Штип. Денеска таа ја исполни таа покана. Ѝ се заблагодарив за сè што направи за Симон и ѝ порачав дека секогаш е добредојдена во Македонија“, напиша Клековски на својот фејсбук-профил.