Утрински Весник
Македонија

Историското вештачење за „Ласкарци“ води до активисти на ДУИ

Историското вештачење за „Ласкарци“ води до активисти на ДУИ

Валдет Џафери, директорот на Бирото за судско вештачење, во кое се работеше супер вештачењето за „Ласкарци“, и вештакот Зеќирија Зеќири, кој го изработи вештачењето, ги поврзува партијата ДУИ. Директорот е претседател на разгранокот на ДУИ во Гостивар, а Зеќири е симпатизер на партијата, за што сведочат неговите фотографии на социјалните мрежи. Гостивар, пак, освен со директорот Џафери, се поврзува и со „Дурмо турс“, чиј автобус излета кај Ласкарци, при што загинаа 16 лица – бидејќи тоа е градот во кој се наоѓа седиштето на компанијата. Бирото со кое раководи Џафери е одговорно што една година се чекаше супер вештачењето за „Ласкарци“, а сега, кога тоа стаса, вештакот се разболел, но не доставил документација до судот.

dobivaj vesti na viber

Директорот на Бирото за судски вештачења е претседател на разгранокот на ДУИ, потврдува и самиот за „Макфакс“

„Макфакс“ стапи во контакт со директорот Џафери за кого не е спорно што има партиска функција во ДУИ и раководи со институцијата што го одолжуваше предметот „Ласкарци“ бидејќи доцнеше со супер вештачењето. Директорот додава дека тој го назначил Зеќири да го вештачи предметот заедно со другите вештаци. Знае дека не отишол на денешното судење, но документација ниту тој не добил.

„Тој е надворешен соработник, ме извести дека е во болница. Ќе треба да ја достави документацијата“, рече директорот Валдет Џафери.

На прашањето дали се знае со вештакот Зеќири пред тој да биде ангажиран во Бирото, директорот Џафери одговори: „Што има врска тоа со работата?“ Директорот негира и дека го фаворизирал Зеќири при ангажирањето.

На дополнителното прашање од „Макфакс“ дали го познава вештакот Зеќири од партијата (ДУИ), што влијаело да го ангажира како надворешен соработник, Џафери одговори: „Не, не, не. За да склучи договор со Бирото, треба да ги исполнува условите во согласност со тоа што е предвидено со правилникот и со законот“.

Директорот Џафери беше прашан и дали смета дека е коректно да биде директор и претседател на разгранок, тој одговори: „Тоа го одредува Владата“. Прашан дали ги познава сопствениците на „Дурмо турс“ обвинети во случајот „Ласкарци“, директорот за „Макфакс“ додава: „Ги знам како луѓе. Не се знам лично“.

„Апсолутно нема пристрасност. Тоа не го работи директорот, туку вештите лица. Институцијата делегира кој ќе го работи вештачењето, односно јас како директор“, додава тој.

Освен директорот, поврзаност со ДУИ има и вештакот Зеќири поради кој се одложи денешното рочиште за „Ласкарци“, а со тоа и се одолжува процесот. Тој пред девет години на социјалната мрежа „Фејсбук“ објавил фотографија од партискиот пулт.

И вештакот Зеќири е фотографиран на пултот на ДУИ

„Макфакс“ стапи во контакт и со вештакот Зеќирија Зеќири, кој го работеше вештачењето, а денеска не се појави на судењето. Тој рече дека е во болница и најави оти ќе се јави подоцна. До моментот на објавувањето тој не даде став за тоа дали извршувал функции во ДУИ, поврзаноста со директорот, отсуството од рочиштето, но и за обвинувањата што ги има од страна на семејствата на настраданите.

Родителите и роднините на настраданите остро реагираа на отсуството на Зеќири за кого рекоа дека не го познава предметот иако го работел вештачењето. Благојче Трпески, родител на загинатиот Јовица Трпевски, денеска посочи: „Тој не знае да одговори ни на најосновни прашања“.

По предметот се постапува четири години. Една година се чекаше и супер вештачењето нарачано од судот. Имаше и реакции за начинот на кој се испитуваат вештаци, односно за начинот на кој се даваат одговори. Коалицијата „Сите за правично судење“, која прави судски мониторинг, реагира дека, наместо одговор да дава Зеќири, во хор се објаснувало вештачењето.

Можете да прочитате

Сајкоски: Платформата 1198 се обврзува на  150 милиони евра за поддршка на домашното стопанство

Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари

Тренчевска: Најемотивна сум кога зборувам со пензионерите, креаторите на државата денес