
Пакистанскиот министер за информирање Атаулах Тарар изјави дека „сè уште се чека“ официјалниот одговор на Иран за тоа дали ќе учествува во следната рунда разговори со САД во Исламабад.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи за BBC изјави дека сè уште не е донесена одлука за испраќање на ирански претставници во Исламабад на нов круг преговори со САД.
Тој изрази загриженост поради американската поморска блокада на иранските пристаништа, запленувањето на ирански брод и заканата на американскиот претседател за уништување на иранската инфраструктура.
– Влеговме во овие преговори со добра волја и со сериозни намери, но другата страна покажува недостаток на сериозност и добра волја … тие често ги менуваат позициите, овие пресврти и закани за воени злосторства, наведе Багаи.
Тој не откри кои се условите на Иран за да се врати на преговарачката маса.
Багаи потенцира дека во тек се разговори за да се создадат услови за продолжување на преговорите пред истекот на договорот за прекин на огнот.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп за CNBC изјави дека Иран „нема избор освен да испрати“ претставници во Пакистан на разговори со САД.
Трамп, одговарајќи на прашање дали ќе го продолжи примирјето ако биде постигнат договор во преговорите, истакна: „Не сакам да го направам тоа“.
– Очекувам дека ќе бомбардираме бидејќи тоа би бил подобар пристап, истакна Трамп.
Тој додаде дека американската армија го искористила примирјето за да ја надополни опремата и оти е подготвена да ги продолжи нападите врз Иран.
– Вооружени сме до заби. Имаме толку многу муниција, толку многу од сè … Подготвени сме. Армијата е нетрпелива да започне, наведе Трамп.
Командантот на Централниот штаб на иранската армија, генерал-мајор Али Абдолахи, денеска предупреди дека вооружените сили на Иран се подготвени одлучно, брзо и пропорционално да одговорат на секоја закана и оти нема да дозволат „искривување на фактите“ за ситуацијата на терен.
Тој, по повод годишнината од формирањето на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), истакна дека Иран има значајни стратешки капацитети и високо ниво на оперативна подготвеност.
Според Абдолахи, иранскиот народ им дава силна поддршка на вооружените сили, кои им нанеле сериозни удари на противниците во регионот, вклучувајќи ги САД и Израел.
Иранските вооружени сили, заедно со владата и народот, остануваат обединети под целосно водство на водачот на Исламската револуција, ајатолахот Сејед Моџтаба Хамнеи, и се целосно подготвени решително, решително и веднаш да одговорат на какви било закани или непријателски дејствија – предупреди Абдолахи.
Тој, посочи дека Техеран нема да дозволи ширење на „лажни наративи“, особено кога станува збор за настаните во регионот на Ормуска Теснина и предупреди дека Иран ќе одговори соодветно на секое прекршување на обврските.

