Утрински Весник
Свет

Иран истрела стотици беспилотни летала и проектили кон Израел, речиси сите пресретнати

677z381 12158001.jpg
Ss2

Во саботата вечерта, Иран истрела стотици беспилотни летала и крстаречки ракети кон Израел, како одмазда за нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск, од кои повеќето беа пресретнати. Ова е прв пат Иран да изврши директен воен напад врз Израел, и покрај децениското непријателство кое датира од Исламската револуција во земјата во 1979 година. Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари изјави дека противвоздушната одбрана пресретнала 99 отсто од приближно 300 проектили што Иран ги истрела врз Израел минатата ноќ.

Хагари рече дека Иран лансирал 170 беспилотни летала кон Израел, а ниту еден од нив не навлегол во израелскиот воздушен простор, и сите биле соборени надвор од границите на земјата од Израел и неговите сојузници, пренесува Тајмс оф Израел.

Img 5587

Иранската мисија во ОН на својот профил на мрежата X објави дека смета дека воената акција на иранските вооружени сили против Израел е легитимна и започната во согласност со член 51 од Повелбата на ОН, како одговор на израелскиот напад врз конзулатот во Дамаск.

„Што се однесува до нас, ова е готово и оваа работа може да се смета за завршена. Доколку, пак, режимот во Израел ја направи следната грешка, одговорот на Иран ќе биде многу посериозен“, се наведува во соопштението на иранската мисија во Обединетите нации. Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека нема да се двоуми да преземе дополнителни „одбранбени мерки“ за да ги заштити своите интереси од каква било воена агресија.

Американскиот претседател Џо Бајден објави дека, благодарение на распоредувањето на авиони и ракети и „извонредната вештина“ на американскиот воен персонал, САД му помогнале на Израел да ги собори речиси сите беспилотни летала и проектили истрелани од Иран. Тој остро го осуди иранскиот напад врз Израел и додаде дека ќе ги повика лидерите на земјите од Г7 да дадат заеднички дипломатски одговор.

Поради иранскиот напад, Советот за безбедност на Обединетите нации ќе одржи итна седница денеска во 16:00 часот по локално време, односно во 22:00 часот по средноевропско време, објави постојаната мисија на Малта во ОН Советот за безбедност овој месец.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го осуди иранскиот напад и ги повика сите страни да покажат максимална воздржаност за да се избегне можен „голем воен конфликт на повеќе фронтови на Блискиот Исток“. Нападот го осудија западните земји и ЕУ, а Кина соопшти дека е длабоко загрижена поради ескалацијата на ситуацијата и ги повика релевантните страни да останат смирени и да покажат воздржаност за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите.

Ss1

Можете да прочитате

Најмалку 19 лица загинаа, а 30 се повредени при уривање на дел од автопат во јужна Кина

Гутереш: Израелската офанзива во Рафа би била неподнослива ескалација на ситуацијата

Меѓународниот суд на правдата во Хаг одби да и нареди на Германија да ја стопира воената и друга помош за Израел