Инспекциските служби на Општина Центар деновиве спроведуваат интензивни контроли на активните градилишта, со фокус на јавната чистота и намалување на аерозагадувањето. Изминативе денови извршени се надзори на десетина градилишта, при што дел од инвеститорите се опоменати, а пропишани се и казни за нарушување на јавниот простор и животната средина. По пријава од граѓани за висока концентрација на прашина во воздухот поради уривањето на напуштениот објект на Јужен Булевар, инвеститорот е опоменат да ја запази технологијата со распрскување вода за да се намали емисијата на штетните честички.
Продолжуваат и редовните контроли за да се спречи користењето штетни горива во грејната сезона. На терен се и комуналните редари кои се справуваат со нелегалните продавачи на јавните површини, а надзори спроведува и градежната инспекција.
Во изминативе 12 месеци Секторот за Инспекциски работи на Општина Центар покажа рекордни резултати. Според изготвениот извештај на службите, во 2023 година изречени се 193 казни за нарушување на комуналниот ред. Донесени се 534 записници, што е речиси двојно повеќе од претходната, 2022 година. Исто така од страна на инспекторите поднесени се и 104 барањата за поведување прекршочни постапки.
Градоначалникот на општината Горан Герасимовски најави дека ќе продолжи спроведувањето на зачестените инспекциски контроли со цел почитување на законите и решавање на проблемите на граѓаните.