Утрински Весник
Свет

И Путин и Бајден го осудија атентатот врз словачкиот премиер Роберт Фицо

Putin Ba Den.jpg

Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден денеска го осудија атентатот врз словачкиот премиер Роберт Фицо и му посакаа брзо закрепнување на лидерот кој беше хоспитализиран откако беше ранет со неколку истрели од огнено оружје.

Во телеграмата објавена на веб-страницата на Кремљ, Путин напиша дека е огорчен од „монструозното злосторство“, пренесуваат руските медиуми.

„Го познавам Роберт Фицо како храбар и силен човек, навистина се надевам дека овие квалитети ќе му помогнат да ја издржи оваа тешка ситуација. Му посакувам брзо закрепнување“, напиша рускиот лидер.

САД го осудуваат нападот врз словачкиот премиер, изјави американскиот претседател Бајден и порача дека нивната амбасада е подготвена да и помогне на словачката Влада.

Бајден во изјавата објавена на веб-страницата на Стејт департментот наведе дека е вознемирен од веста.

„Првата дама на САД, Џил, и јас се молиме за негово брзо закрепнување, а нашите мисли се со неговото семејство и народот на Словачка. Го осудуваме овој ужасен чин на насилство“, рече Бајден.

Полицијата го идентификувала 71-годишниот Ј.Ц. од Левице, дека со пиштол, што законски го поседувал, го застрелал премиерот на Словачка, Роберт Фицо, кој со автомобил бил пренесен во болница, од каде со хеликоптер бил префрлен во Бањска Бистрица, а неговата здравствена состојба е критична.

Напаѓачот веднаш по нападот бил приведен од полицијата.

Случајот го презеде Националната агенција за криминал.

Можете да прочитате

(ВИДЕО) Судир меѓу демонстрантите и полицијата во Тел Авив: Толпата побара оставка од Нетанјаху

Во лавини во Швајцарија за време на зимската сезона загинаа 23 лица

Зеленски ги покани светските лидери да учествуваат на мировниот самит во Швајцарија