Утрински Весник
Свет

Холандија и Зеленски ја притискаат Шпанија да му даде „Патриот“ на Киев

Холандија и Зеленски ја притискаат Шпанија да му даде „Патриот“ на Киев

Холандија и украинскиот претседател Володимир Зеленски вршат притисок врз премиерот на Шпанија, Педро Санчез, да го снабди Киев со противракетни одбранбени системи „Патриот“, пренесува мадридски „Ел паис“.

dobivaj vesti na viber

Зеленски му го пренел своето барање на Санчез на неодамнешната средба во рамките на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија.

Во прашањето за испраќањето системи „Патриот“ во Шпанија се вклучени и холандскиот премиер Марк Руте и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бидејќи шпанската батерија со тој противракетен систем е распоредена во Турција во рамките на НАТО.

Во Молдавија, Руте му ветил на Зеленски дека ќе му помогне да ја зајакне воздушната одбрана на Киев со системите „Патриот“ и ловците „Ф-16“, а претходно, по средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа, вети дека Холандија ќе ѝ испорача „Патриот“ на Украина.

Како што пишува „Ел паис“, Киев се обидел да го иницира прашањето за испорака на „Патриот“ со Шведска, Полска и Романија, па и со земји надвор од Европа, како ОАЕ.

Проблемот што го наведува Шпанија е што една од нејзините две батерии „Патриот“ и единствената што ги исполнува сите оперативни барања на НАТО е распоредена во турската база „Инџирлик“ од 2015 година, а втората ѝ е неопходна за национална одбрана и е сместена во Валенсија.

Шпанската армија купи половни „Патриоти“ од Германија во 2004 и 2014 година.

Шпанија, како што се вели во статијата, би била подготвена да му ја даде на Киев батеријата распоредена во Турција, но Ердоган јасно стави до знаење дека е заинтересиран да ја задржи батеријата во Турција и по 31 декември оваа година, кога истекува договорот.

„Ел паис“ оценува дека системот „Патриот“ веќе долго време не е потребен во Турција од одбранбени причини бидејќи веќе не постои ризик од ракетен напад од соседна Сирија. Сепак, шпанскиот „Патриот“ на тоа место има големо политичко значење бидејќи ја покажува солидарноста на НАТО со Турција.

Шпанскиот весник додава и дека шпанските „Патриоти“ се пред крај на силите и дека ако не се модернизираат, ќе мора да бидат деактивирани. Средствата за надградба на двете батерии „Патриот“ се веќе доделени, а во моментот се чека одобрение од САД.

 

 

Можете да прочитате

Нетанјаху за налогот за апсење од МКС: Тоа е апсурдна одлука

Судењето против Трамп се ближи кон крајот

Путин назначи нов заменик министер за одбрана