Утрински Весник
Македонија

Хоџа: Со над 300 инфраструктурни проекти и системски решенија се гради зелениот пресврт

Screenshot 2026 07 06 145733.jpg

Скопје, 06.07.2026 По повод две години од работата на Владата, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска одржа прес-конференција на која даде пресек на постигнатите резултати и започнатите капитални процеси во ресорот, нагласувајќи го институционалниот континуитет и стабилноста во реализацијата на политиките.

Во изминатиот период, Министерството обезбеди средства и започна со реализација на над 300 инфраструктурни проекти од различен обем, вклучувајќи модерни водоводни и канализациски системи, како и пречистителни станици низ целата држава.


“Овие инвестиции директно влијаат на квалитетот на животот на стотици илјади граѓани низ целата држава. Тоа се темелите на зелениот пресврт кој го градиме и на кој сме целосно посветени”, истакна министерот.

Како една од најкрупните реформи, на прес-конференцијата беше посочено воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад. За општините веќе е испорачана значајна комунална опрема и механизација.

Паралелно се подготвуваат тендерите за изградба на регионалните центри во Русино и Новаци и претоварните станици, а во напредна фаза е центарот во Свети Николе.  

Овој систем, како што беше нагласено, претставува долгорочно решение за дивите депонии во државата.

Во насока на борбата со аерозагадувањето, воведен е новиот Закон за контрола на индустриски емисии кој стапува на сила идната година.

За почист воздух, Министерството инвестира во замена на нееколошките системи за греење во јавните објекти и интензивно ги зголемува инспекциските надзори врз индустријата.

Дополнително, за поголема транспарентност, започната е подготовка на Дигитален регистар со јавно достапни податоци за индустриските емисии.

На прес-конференцијата беше потенцирано и усогласувањето на легислативата со европските стандарди, пред сè преку Законот за климатска акција кој е во собраниска процедура, како и новите закони за природа, животна средина и заштита на Белчишко и Студенчишко Блато.

На крајот од своето обраќање,
министерот информираше дека со ребалансот на буџетот се зголемени средствата за капитални проекти, меѓу кои и за скопската пречистителна станица.

“Тоа е гаранција дека во наредниот период нема да има застој во изградбата на она што го сметаме за темел на зелениот пресврт. Главниот принцип по кој се водиме се системски решенија, кои трајно ги решаваат проблемите”, порача министерот.

Можете да прочитате

Тошковски: Каталогот за континуирани обуки е нов чекор кон модерна, професионална и ефикасна полиција

За едно деноноќие приведени 24 возачи за безобѕирно управување

Македонија и Катар ќе ја продлабочуваат соработката во безбедноста и економијата