Утрински Весник
Свет

Хезболах: Ќе спречиме израелска окупација на јужен Либан

Hezbolak.webp.webp

Висок функционер на Хезболах, Хасан Фадлалах, денеска изјави дека либанската милитантна група ќе се бори за да спречи распоредување на израелски сили во јужен Либан. Фадлалах, водечки пратеник на Хезболах, изјави дека присуството на израелски трупи во јужен Либан би го загрозило опстанокот на земјата.

Тој рече дека Хезболах ќе се спротивстави на секој обид на израелската војска да воспостави контрола врз областа. Изјавите на функционерот на Хезболах дојдоа откога израелскиот претседател Исак Херцог вчера изјави дека неговата земја мора да обезбеди „стратешка длабочина“ во Либан и да воспостави „јасна и значајна одбранбена зона“, а израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, рече дека границата на Израел треба да се премести до реката Литани.


По посетата на северната граница на Израел, Херцог рече дека регионот „не може да се врати во состојбата во која беше пред последното примирје“, но, според „Ен-би-си њуз“, не даде конкретни детали за плановите за јужен Либан.

Во исто време, Смотрич, лидер на ултранационалистичката партија Религиозен ционизам, за локалните медиуми изјави дека воената операција во Либан треба да доведе до „сосема поинаква реалност“, вклучително и промена на границите.

„Јасно го кажувам тоа, новата израелска граница мора да биде реката Литани“, рече Смотрич.

Хезболах се приклучи на поширокиот конфликт на Блискиот Исток со напади врз Израел од Либан на 2 март, што проиранското движење го карактеризира како одговор на атентатот врз иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи во израелско-американските напади.

Потоа Израел распореди војници во Либан и изврши интензивни воздушни напади, а Хезболах продолжи со ракетните напади. Либанското Министерство за здравство соопшти дека вкупно 1.029 лица се убиени, а повеќе од еден милион се раселени во трите недели од конфликтот.

Можете да прочитате

Велика Британија ќе предводи коалиција за расчистување на Ормуската Теснина

Трамп: Иран се согласи да се откаже од својата нуклеарна програма

Минимален сообраќај низ Ормуската Теснина во екот на војната во Иран