Утрински Весник
Македонија

Хера: Младите не се хаштаг, туку приоритет – Време е за одговорност!

Foto gerila 25ta.jpg

Додека светот денес го слави 12 август -Меѓународниот ден на младите, младите луѓе во Северна Македонија сè уште живеат во реалност исполнета со системски предизвици, ограничени можности и несигурна иднина. Од високото ниво на невработеност, неквалитетно образование, недостаток на младински пријателски здравствени услуги, па сè до слабата институционална поддршка и недостигот на безбедни јавни простори, корупција, младите се принудени да бараат перспектива надвор од сопствената држава, велат од невладината организација Хера.

Според официјалните податоци, 23,7% од младите на возраст од 15 до 29 години се NEET – ниту во образование, ниту во вработување, ниту во обука, што е далеку над европскиот просек и сериозен сигнал за системска негрижа за оваа генерација. Податоците од најновата Национална стратегија за млади 2023–2027 укажуваат дека младите во земјата се соочуваат со ограничен пристап до услуги, ниско ниво на учество во јавниот живот и недоверба во институциите – повеќе од две третини од младите, сметаат дека не се вклучени соодветно во процесот на донесување на одлуки и дури 70% од младите не се заинтересирани за политиката. Студијата за социо-политичко учество на младите во Северна Македонија потврдува дека половина од младите (51,4 %) сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби и проблеми, а само 1,1 % сметаат дека властите целосно се грижат за нивните потреби и проблеми. Три четвртини од младите (73,7 %) досега не биле вклучени или консултирани од локалните или националните институциите при носењето одлуки. Загрижува и фактот што 74,4 од младите не припаѓаат на ниту една организација или друга форма на организирање.


И покрај тоа што Законот за младинско учество и младински политики е во сила од 2020 година, неговата примена на локално ниво е минимална – само 19 општини имаат формирано локален младински совет, а локални стратегии за млади се усвоени само во 7 општини. Во меѓувреме, голем број млади се соочуваат со недостаток на јавни простори, културна изолација и отсуство на неформално образование и менторство.

Ситуацијата со менталното здравје е подеднакво алармантна – дури 64% од девојчињата на 15-годишна возраст чувствуваат две или повеќе психосоматски тегоби еднаш неделно, а дури 53% од истата група имаат депресивно расположение. Насилството исто така е во пораст, потребни се Програми за унапредување на менталното здравје на децата и младите.

Во пресрет на претстојните локални избори, го користиме овој ден како повик до сите кандидати за градоначалници и советници изборните програми да ги подготват во консултација и дијалог директно со младите. Бараме конкретни чекори за подобрување на условите за живот на младите, не декларативна поддршка. Имено:
Воспоставување функционални младински совети во секоја општина, со јасна надлежност, транспарентна постапка за избор и реално влијание врз локалните политики и буџети.
Воведување на посебна буџетска ставка за младински политики и програми, со директно учество на млади во креирањето и надгледувањето на трошењето.
Обезбедување достапни, бесплатни и безбедни јавни простори за младински иницијативи, младински центри (сексуално и репродуктивно здравје, ментално здравје, креативно изразување, развој на субкултури) особено во помалите општини и руралните средини.
Поддршка за младинско вработување преку развој на локални програми за самовработување, менторски хабови, иновациски центри и субвенции за млади претприемачи.
Воведување на локални служби за ментално здравје – психолози, социјални работници, и мобилни тимови достапни за младите.
Поттикнување на соработка со младински организации за неформално образование, сексуално и репродуктивно здравје и културни програми.
Вклучување на младите во подготовката и реализацијата на сите локалните развојни стратегии.

Заминувањето на младите од државата нема да се реши со кампањи и повици за патриотизам и раѓања на деца. Ќе се реши со конкретни, мерливи и долгорочни инвестиции во нивниот потенцијал и услови за живот.
Локалната власт е првата линија на контакт со младите во државата и токму таму треба да се започне со вистинските промени.

Ги повикуваме институциите, политичарите, медиумите и граѓанското општество да ја третираат младината не како маргинална група за отчет, туку како рамноправни партнери во носењето одлуки и креирањето на иднината. Младите не се само иднината. Младите се двигатели на промената – тука и сега.

Можете да прочитате

(Видео) Пожар на автопатот Скопје – Куманово

СДСМ: Нов скандал во Националната агенција Еразмус, Ана Михајлов осомничена од ОЛАФ назначена за в.д директорка?

Адвокатот на Лозановска: Не го извршивме разговорот, утре мора повторно да дојдеме