Утрински Весник
Балкан

Харадинај: Поддржуваме распуштање на Собранието само откако Курти ќе поднесе оставка

Haradina .webp.webp

Шефот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај изјави дека иницијативата на премиерот Курти за распуштање на Парламентот го покажува неговиот очајнички обид „да се спаси“, затоа што „земјата му се лизга под нозете“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Откако синоќа Курти, по средбата со лидерот на другата опозициска партија, Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи, изјави дека разговарале за нови избори и времето кога тие би можеле да се одржат, Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека ААК „би можела да поддржи распуштање на Собранието, само по оставка или разрешување на премиерот“.

„Деновиве е актуелизирана иницијатива за распуштање на Собранието. Несомнено е дека зад оваа иницијатива стои премиерот. Изгледа земјата му се лизга под нозете и тој очајно бара да се спаси. Во оваа призма треба да се гледа и неговото инсистирање по три години владеење конечно да бара средба со лидерите на опозицијата, за тие да станат негови спасители. Сепак, ААК би можела да поддржи распуштање на Собранието, само по оставка или разрешување на премиерот. Во ситуацијата во која моментално се наоѓаме, сите неуспеси на Косово, внатре и надвор, имаат само едно име – Владата предводена од Албин Курти!“, напиша Харадинај.

Курти во неделата ги повика челниците на трите опозициски парламентарни партии на косовските Албанци – Красниќи од ПДК, Љумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Харадинај од ААК, за, како што рече, да разговараат за собраниската агенда, односно за законите кои се на дневен ред во законодавниот дом.

Од ЛДК и ААК изјавија дека нивните лидери нема да се сретнат со Курти, поради (ЛДК) „задушувањето на парламентарната демократија“ од страна на партијата на Курти, Движење самоопределување (ВВ) и затоа што (според ААК) тие прашања треба да се тема на собраниското Претседателство и на шефовите на пратеничките групи, а не на лидерска средба.

Единствено лидерот на ПДК ја прифати поканата, со напомена дека со премиерот ќе разговара само за одржување предвремени избори.

Можете да прочитате

По Македонија и БиХ и Грција ја стресе земјотрес

Попладнево земјотрес и во Босна и Херцеговина

Комбе со мигранти се преврте на автопатот кај Бела Паланка, околу 50 повредени