Утрински Весник
Свет

Хамас објави видео од двајца живи израелски заложници

Gaza izraelska vojska.jpg

Вооруженото крило на палестинското движење Хамас објави видео на кое се гледаат двајца израелски заложници во Појасот Газа, во кое тие тврдат дека наводно преживеале нов израелски напад.

По два месеци кревко примирје меѓу Хамас и Израел, на 18 март, израелската армија ја продолжи воената офанзива во Појасот Газа, од каде што палестинското движење почна напади врз Израел на 7 октомври 2023 година.


Видеото, кое го пренесе бригадата Езедин ал Касам, трае нешто повеќе од две минути.

Еден од двајцата мажи изгледа повреден, со завои на лицето и десната рака. АФП не можеше да ја потврди автентичноста на видеото или датумот кога е снимено.

Форумот за фамилии на заложници, главната организација која се залага за ослободување на Израелците кои се држат во Појасот Газа, соопшти дека идентификувале еден од двајцата заложници како Максим Херкин, чие семејство побара од медиумите да не го објавуваат видеото.

Според израелските медиуми, вториот заложник е војникот Бар Куперштајн.

Двајцата мажи беа киднапирани на 7 октомври 2023 година, за време на нападот на на Хамас на музичкиот фестивал Нова.

Неодамнешниот прекин на огнот овозможи враќање на 33 израелски заложници, вклучително и осум кои оттогаш загинаа, во замена за ослободување на околу 1.800 Палестинци кои се држат во израелските затвори.

Од 18 март, армијата го засили бомбардирањето на Газа и ги испрати своите војници назад на фронтот, во многу делови од териториите од кои армијата се повлече за време на прекинот на огнот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата влада тврдат, против советите на повеќето семејства и роднини на заложниците, дека зголемениот воен притисок е единствениот начин да се принуди Хамас да ги врати.

Од 251 заложник киднапирани за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, 58 се уште се на палестинските територии, вклучително и 34 за кои се верува дека се мртви.

Можете да прочитате

Тинејџер избоден до смрт во Лондон, уапсени двајца 16-годишници

Нетанјаху и Трамп во Белата куќа ќе разговараат за американските царини, Хамас, Иран…

Трамп: Не можам да ви кажам што ќе се случи со пазарите, понекогаш треба да пиете лекови