
Ракометарите на ГРК Охрид испишаа златни страници во македонскиот спорт, откако го освоија Европскиот куп за сезоната 2025/26 и го донесоа првиот европски трофеј во историјата на клубот.
По големата победа од 29:28 на гостински терен во првиот финален натпревар против унгарска Татабања, охриѓани вечерва пред преполните трибини во спортската сала „Билјанини Извори“ ја потврдија својата доминација со убедлива победа од 31:25.
Во фантастична атмосфера и со огромна поддршка од навивачите, избраниците на тренерот одиграа уште еден зрел и борбен натпревар. По израмнетото прво полувреме кое заврши со минимална предност од 12:11 за домаќините, во вториот дел Охрид целосно ја презеде контролата на теренот и не му дозволи на противникот да ја загрози победата.
Со конечните 31:25, ГРК Охрид го круниса својот извонреден европски поход и стана нов освојувач на Европскиот куп, носејќи голема радост за градот и за македонскиот ракомет.
Историскиот успех не остана незабележан ниту од државниот врв. Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до клубот и ракометарите за освоениот европски трофеј.
„Искрени честитки до ГРК Охрид за историскиот успех и освоениот европски трофеј. Вашиот успех е гордост за Охрид и за цела Македонија. Нека оваа титула биде поттик за уште поголеми достигнувања во иднина. Честитки шампиони!“, напиша Мицкоски.
Со овој триумф, Охрид не само што го освои најголемиот успех во својата историја, туку уште еднаш потврди дека Македонија има клубови способни да освојуваат европски титули и да ја претставуваат државата на најдобар можен начин на меѓународната сцена.


