Утрински Весник
Македонија

Граѓаните на Македонија со повисоки очекувања за државата и политиката

Magla.webp.webp

Резултатите од најновата анкета на Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) покажуваат интересни трендови во јавниот став на граѓаните за иднината на Македонија и нивната доверба во актуелната влада. Анкетата покажа дека речиси половина од испитаниците веруваат дека земјата се движи во позитивна насока – 25 проценти се убедени во позитивната насока, а други 25 проценти ја гледаат како делумно позитивна. Спротивно, 24 проценти го изразиле мислењето дека земјата се движи во негативна насока, додека 13 проценти сметаат дека трендот е делумно негативен.

На прашањето за најголемиот предизвик со кој се соочува Македонија, најголемиот дел од граѓаните (37,5 проценти) посочуваат кон криминалот и корупцијата како приоритет кој Владата мора да го реши. На второ место е економијата и животниот стандард, според 19,7 проценти од испитаниците. Овие одговори ја потенцираат важноста на борбата против корупцијата и создавањето подобри услови за живот.

Анкетата ја третираше и актуелната поддршка за уставните измени. Повеќе од половина од граѓаните (52 проценти) би ги поддржале измените кои го вклучуваат бугарското малцинство, но само со услов тие да стапат на сила по пристапувањето на Македонија во ЕУ.

Во однос на довербата кон политичарите, највисоко котира премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со поддршка од 27,8 проценти. Забележлив е и значителниот процент граѓани (26,5 проценти) кои не веруваат во ниту еден политичар, што укажува на одредена политичка несигурност. Мицкоски е следен од лидерите на ДУИ и СДСМ, Али Ахмети (8,6 проценти) и Венко Филипче (5,5 проценти).

Според податоците, доколку се одржат избори, најголема поддршка би добила ВМРО-ДПМНЕ со 26 проценти од гласовите. СДСМ, ДУИ и коалицијата „Вреди“ се во изедначена позиција со поддршка од 7 проценти.

Анкетата беше спроведена преку два методи: теренско истражување со 1.005 испитаници во текот на октомври и телефонска анкета од 9 до 13 октомври со 1.200 испитаници, што обезбедува широка слика на актуелните ставови на граѓаните во Македонија.

Можете да прочитате

Нова линија на Туркиш ерлајнс: Охрид-Истанбул

Осум лица осомничени во акцијата „Адитив“ во притвор, по Ковачевски се уште се трага

Одложена одлуката за Законот за јазиците, Костадиновски уверува дека нема да дозволи судот да биде уценуван