
Стогодишна жена загина во катастрофалните поплави што ја погодија општината Мадригерас во шпанската покраина Албасете, а пороите од вода однесоа сè на својот пат и предизвикаа огромна штета, објавија шпанските медиуми.

Несреќната стогодишна жена била во семејниот дом кога водата влегла во домот и не можела да избега на безбедно, потврдија регионалните власти на Кастиља-Ла Манча.
Наврнаа повеќе од 140 литри дожд на квадратен метар за само два часа
Поплавата започна во петокот околу 18:15 часот, кога општината ја погоди силен пороен дожд, кој траеше речиси два часа без престан. Според првичните мерења, во тој краток период наврнале повеќе од 140 литри дожд на квадратен метар.
Ситуацијата нагло се влоши кога порои вода од блиските кањони и околните ридови почнаа да се влеваат во населбата, по што улиците на Мадригерас беа целосно поплавени, а снимки од калливи наноси како ги голтаат патиштата и влегуваат во куќите брзо се проширија на социјалните мрежи.
Регионалната влада веднаш го активираше првото ниво на тревога од специјалниот план за заштита од поплави (Meteocam), а службите за итни случаи, пожарникарите и спасувачките екипи ја поминаа целата ноќ на терен помагајќи им на локалното население и расчистувајќи ги урнатините.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, исто така, го коментираше настанот на социјалната мрежа X, упатувајќи сочувство до семејството на починатата жена и велејќи дека обилните дождови предизвикале сериозни штети во неколку делови од земјата, апелирајќи до граѓаните да бидат максимално внимателни и да ги следат упатствата на службите за итни случаи

