Утрински Весник
Македонија

Германски државјанин спасен откако се изгубил на Скопска Црна Гора

Planina.jpg

Германски државјанин кој се изгубил на планината Скопска Црна Гора е успешно пронајден во координирана акција на Авто мото сојузот на Македонија, Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи.

Како што соопшти утринава ЦУК, германскиот државјанин кој немал македонски телефонски број за помош прво се јавил во Германија по што биле алармирани македонските служби и почнала акцијата за негово спасување.


– Конкретно, по пријава од страна на дежурен вработен во АМСМ, а добиени податоци од Германската служба за помош на пат (којашто служба соработува и е слична со нашата АМСМ) во Центарот за управување со кризи ЦУК беше добиена информација дека е изгубено повозрасно лице (70 години – германски државјанин којшто зборувал и на турски јазик) после село Блаце, на планината Скопска Црна Гора во правец кон селата Брест и Танушевци, со координати дадени на АМСМ од страна на Германската служба за помош на пат. Лицето немало јадено веќе еден ден и истото било уплашено за својот живот во мракот во планината. АМСМ имале контакт преку Германската служба за помош на пат за состојбата на изгубеното лице, но во момент на координацијата со Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК) немале можност за контакт со лицето. Затоа од страна на АМСМ во ЦУК биле дадени и два странски телефонски броја од изгубеното лице. Во потрагата биле корисни и дел од информации добиени на 112 во ЦУК – се наведува во информацијата од ЦУК.

Од страна на Регионалниот ЦУК Скопје телефонски биле известени и со полициските станици Мирковци и Танушевци на коишто им била пренесена информација дека, согласно пројавените координати за изгубеното лице, тоа можеби да се наоѓа на непристапен терен за што ќе има потреба од теренско моторно возило. Истовремено од ЦУК биле информирани и надлежните на Општина Чучер Сандево за нивно можно вклучување во потрагата согласно развојот на ситуацијата и потребите на потрагата.

Германскиот државјанин е успешно пронајден околу 19.30 часот.

– При потрагата беше вклучен и  Единствениот повикувачки број 112 на ЦУК при што беа прибрани дополнителни информации  (од роднини што информираа за случајот) што би било можно да бидат корисни при конкретната потрага. Изгубеното лице било заглавено на планинскиот пат со патничко моторно возило (пмв) „тигуан“, црвена боја со германски регистерски ознаки. Според дополнителните информации, изгубеното лице продолжило да се движи пешки во правец, кон некоја куќа којашто ја забележал во далечината додека се стемнувало, на околу 15-тина километри оддалеченост од него, но не стигнал до неа и се изгубил, а по неговоот јавување за помош во Германија, акцијата за негово спасување почнала и успешно завршила во координирана акција на Германската служба за помош на пат, македонската АМСМ, МВР и на ЦУК – се наведува во соопштението.

Можете да прочитате

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со актуелни и поранешни членови на Комисијата за помилување

Пијан преминал на црвено и ја усмртил млада Фросина, ОЈО бара притвор

ГРОМ: Изненадени сме од леснотијата со која премиерот Мицкоски се нафрла врз маркетите