Утрински Весник
Свет

Германија: Сè повеќе граѓани се со финансиски проблеми

Германија: Сè повеќе граѓани се со финансиски проблеми

Сè повеќе германски граѓани се соочуваат со големи финансиски тешкотии, а цените на енергентите и на прехранбените производи би можеле дополнително да се зголемат во текот на есента и зимата, е соопштено денеска.

dobivaj vesti na viber

„Речиси една третина од германските граѓани, 32 отсто, не може да издвојат 1.150 евра од финансиите со кои располагаат за ненадејни трошоци, на пример, во случај на дефект на автомобил или потреба да купат некој уред“, се вели во соопштението на Сојузниот завод за статистика во Визбаден, пренесува Индекс.хр.

Така, групата на овие граѓани е поголема отколку во Франција (27 отсто) или Холандија (15,1 отсто).

Во другите земји од Европската Унија, како Хрватска, Романија, Грција, Кипар и Летонија, процентот на граѓани што не може да издвојат средства за ненадејни трошоци од сопствените заштеди надминува 40 проценти.

Во Германија во 2021 година две петтини од граѓаните располагале со помалку од 22.000 евра годишно.

Експертите сметаат дека материјалната состојба на граѓаните, кои претходно имале финансиски проблеми, дополнително се влошила за време на пандемијата на коронавирусот и во последните месеци поради инфлацијата.

Во септември инфлацијата во Германија изнесуваше 10 отсто, а економскиот институт „Ифо“ предвидува натамошен раст на цените.

„Поскапувањето, пред сè, се однесува на струјата и на гасот, но и на другите сегменти“, изјави претседателот на Институтот „Ифо“ – Тимо Волмерсхаусер.

Според информациите од овој институт, повеќето трговски синџири планираат да ги зголемат цените во наредните недели и месеци, а тоа важи и за рестораните и за хотелиерите.

Минатата недела германската влада донесе нови пакет-мерки во вредност од 200 милијарди евра, кои преку субвенции за енергентите би им помогнале на граѓаните и на стопанството да ја надминат новосоздадената финансиска состојба предизвикана од поскапувањето, пред сè, на енергетските производи.

Можете да прочитате

Уапсен полски државјанин вплеткан во организација за наводен атентат на Зеленски

САД ќе стави вето на приемот на Палестина во ОН

САД и В.Британија воведоа санкции кон Иран