Утрински Весник
Скопје

Герасимовски: ВМРО-ДПМНЕ продолжува со истата лага, за изработка на мобилната апликација Општина Центар не потрошила ниту еден денар

Gerasimovski Itno Kopce 3 1.jpeg

Очигледно, во недостаток на конкретни идеи, предлози и проекти за граѓаните на Центар, ВМРО-ДПМНЕ одлучи и денеска да продолжи со истата манипулација што ја пласираше вчера, регаираат од Општина Центар.

„Иако фактите им беа јасно и прецизно соопштени, повторно ја повторуваат лагата дека Општина Центар платила 6,6 милиони денари за изработка на мобилната апликација.

Уште еднаш, за да нема простор за намерно извртување на фактите: за изработка на мобилната апликација не е потрошен ниту еден денар од Буџетот на Општина Центар.

Апликацијата е изработена волонтерски од вработен во Општината. Единствениот трошок од околу 200 евра се надоместоците потребни за нејзино објавување на платформите Apple App Store и Google Play. Да се претставува овој технички трошок како „контрадикторност” со фактот дека самата апликација е изработена бесплатно е или елементарно непознавање на темата или свесен обид за манипулација со јавноста.

Уште поневистинито е тврдењето дека на „вработениот” кој ја изработил апликацијата му биле исплатени 6,6 милиони денари. Таква исплата за изработка на мобилната апликација нема.

Наместо втор ден по ред да повторуваат иста бројка и да се обидуваат од неа да конструираат афера од 20 милиони денари, ги повикуваме од ВМРО-ДПМНЕ јавно и прецизно да покажат каде во документацијата на која се повикуваат пишува дека 6,6 милиони денари се исплатени за изработка на мобилната апликација“ велат од општина Центар.

Дополнително, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, порача дека повторувањето на една невистина не може да ја претвори во факт.

„Вчера јасно одговоривме, но очигледно некој не сака да ги слушне фактите. Затоа ќе повторам: Општина Центар не платила ниту еден денар за изработка на мобилната апликација. Ја изработи наш вработен, волонтерски. Наместо два дена да измислуваат милионски суми и да ја манипулираат јавноста, ги повикувам да предложат нешто конкретно што ќе го подобри животот на центарци. Ние ќе продолжиме да работиме, а на секоја лага ќе одговараме со факти”, изјави Герасимовски.

Можете да прочитате

Неколку села околу Скопје денеска седум часа без струја

ВИДЕО: Голема змија долга околу еден метар преминува улица кај кулите „Џевахир“

Мустафаоглу: Градот брои само прелетани хектари, не го интересира ни со што, ни дали ефективно и воопшто се прска против комарци