Утрински Весник
Скопје

Герасимовски до управителите: Противпожарната безбедност не смее да се игнорира

Sredba so upraviteli 2.jpeg

Во Општина Центар се одржа работна средба на градоначалникот Горан Герасимовски, Секторот за инспекциски работи и голем дел од управителите на станбени и станбено-деловни објекти, како и претседатели на куќни совети.

На средбата се разговараше за предизвиците во делот на противпожарната заштита и одржувањето на фасадите.


„Имавме одличен одзив на нашето барање до управителите да достават информации за состојбата со противпожарната заштита. Важно е да продолжиме со меѓусебна соработка – само така можеме да обезбедиме безбедни згради за сите граѓани. Главен приоритет се ПП апаратите, проодноста на скалите и хидрантите. Ќе продолжиме да бараме системски решенија и соработка со ЗЕЛС и Дирекцијата за заштита и спасување”, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Од општинската инспекција појаснуваат дека е потребна постојана и отворена комуникација со управителите.

„Доколку се забележат проблеми, особено заградени противпожарни скали, апелираме тие веднаш да се пријават. Ако објектот е небезбеден, градежен инспектор ќе излезе на терен, ќе состави записник и ќе донесе решение. Но, сè започнува со навремено пријавување. Контрола на сите згради во секое време е невозможна, затоа очекуваме одговорност и иницијатива од управителите”, посочија инспекторите.

На средбата беше потенцирано дека постојат чести случаи на кражби и обивање на сандачињата со противпожарна опрема. Управителите истакнаа дека вложуваат напори за заштита на системите и подобрување на состојбата во секоја зграда. И тие бараат под итно да се донесе системско и унифицирано решение за противпожарната заштита што ќе важи за сите локални самоуправи во државата.

Се разговараше и за проблемите со оштетени и небезбедни фасади, при што беше најавено дека Општина Центар во април и мај ќе има нови повици за субвенционирање на санација на фасади, кровови и лифтови.

Можете да прочитате

Објавен јавен повик за субвенции за чистење на оџаци во Општина Гази Баба

Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје поради посета Курти

Утре делови од Карпош без вода Скопје