Доктор Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти, информираше дека на денешната средба во Министерството за здравство им било кажано дека МЗ ќе испрати информација до Владата и до ФЗО, да постапуваат согласно веќе донесените одлуки и веќе од наредниот месец да биде коригирана платата на приватните специјализанти. – Бевме примени од страна на советници на министерот, тој присуствувал на друг настан во соработка со СЗО. Еден од советниците беше правен советник и ја извлековме одлуката, врз која всушност се исплаќаат надоместоците за приватните специјализанти од 2018 гоодина. И во неа, како одлука на Влада, децидно стои дека платата на приватните специјализанти треба да е во висина на плата на општ доктор за дадена година. Ни беше ветено дека МЗ ќе прати информација до Владата и до ФЗО, да постапуваат согласно веќе донесените одлуки и веќе од наредниот месец, да биде коригирана платата на приватните специјализанти – да биде на ниво на просечна плата на општ доктор, појасни таа. Одговарајќи на новинарско прашање, таа додаде дека износот на просечна плата на општ доктор сега е околу 44. 000 денари. – Ние треба да ја земаме таа плата според владината одлука, истакна Георгиева. Добиле и ветување дека здравственото осигурување веднаш ќе биде воспоставено, односно ќе се пратело информација до јавно здравствените установи оти треба сите на приватна специјализација да бидат здравствено осигурани. – Околу трансформација на договор на дело – во договор на неопределено, добивме информација дека всушност 1.117 согласности пристигнале од Владата во месец февруари, но, не биле реализирани поради оној мораториум што го налага изборниот период и фактот, дека не можат да бидат отворени конкурси за вработување. Беше дадено ветување за масовни конкурси отворени во јавно здравствените установи по завршувањето на изборниот циклус, а ние дадовме забелешка, баравме да има измена на законот во критериуми за вработување – да биде дадена предност на колегите на специјализација, бидејќи сега таков критериум не постои, да бидат акумулирани сите активни доктори, а потоа нормално сите колеги кои се општи доктори, подвлече таа.