Утрински Весник
Македонија

Тошковски на „Мото Илинден урбан драјв“: Безбедноста мора да биде пред адреналинот – наскоро „Безбеден град“ ќе може да препознава и неносење кацига

Image 2026 10 03 164051532.png

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети „Мото Илинден Урбан драјв“ фестивалот, кој од 1 до 4 октомври се одржува на паркингот пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, а чиј фокус, покрај промоцијата на мотоциклизмот, е подигнување на свеста за безбедно учество во сообраќајот.

Во рамки на фестивалот се организираат тест-возења, работилници за безбедно управување со мотоцикл, едукација на почетници, правилна употреба на заштитната опрема, како и запознавање на учесниците со законските прописи од областа на сообраќајот. Во едукативниот дел од настанот е вклучен и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.


Тошковски ја поздрави иницијативата, потенцирајќи дека токму едукацијата, личната одговорност и почитувањето на сообраќајните правила се клучни за поголема безбедност на мотоциклистите, кои се меѓу најранливите учесници во сообраќајот.

„Љубовта кон моторите, адреналинот и слободата што ја носи мотоциклизмот секогаш мора да одат заедно со одговорноста. Кацигата и заштитната опрема, почитувањето на ограничувањето на брзината и сообраќајните правила не се формалност – тие спасуваат животи. Затоа ваквите настани се важни, особено за младите и за оние кои првпат влегуваат во светот на мотоциклизмот“, истакна Тошковски.

Министерството за внатрешни работи континуирано спроведува засилени акциски контроли во сообраќајот, вклучително и контроли насочени кон возачите на мотоцикли и мопеди, со посебен акцент на брзината, поседувањето соодветна возачка дозвола, употребата на заштитна кацига и почитувањето на останатите сообраќајни правила.

Дополнителен исчекор во оваа област е системот „Безбеден град“, кој ги детектира и прекршоците сторени од возачи на мотоцикли, а со помош на вештачката интелигенција системот наскоро ќе може да ги казнува и оние кои не носат кацига и така го загрозуваат својот живот и животот на другите учесници во сообраќајот.

Тошковски потенцираше дека резултатите од новиот пристап во сообраќајната безбедност веќе се видливи. Во првите девет месеци од годинава има 33 помалку жртви во сообраќајот во споредба со истиот период минатата година, односно околу 30 проценти помалку загубени човечки животи, додека бројот на повредени лица е намален за околу 19 проценти. Во позитивниот тренд се вклучени и сообраќајните незгоди во кои учествуваат мотоциклисти, а целта е тој тренд дополнително да се засилува.

„Овие резултати не се само бројки. Зад секоја бројка стои човечки живот, семејство и нечија иднина. „Безбеден град“, засилените контроли, едукацијата и, пред сè, одговорното однесување на граѓаните покажуваат дека можеме суштински да ја промениме сообраќајната култура. Нашата цел е јасна – помалку незгоди, помалку повредени и што е можно помалку загубени човечки животи“, порача министерот Тошковски.

Министерството за внатрешни работи ќе продолжи паралелно со превентивните активности, едукацијата, засилените контроли и примената на современи технологии, со единствена цел – побезбедни улици и патишта за сите учесници во сообраќајот.

Можете да прочитате

Под контрола е пожарот крај пругата во Прилеп

Мицкоски: Преносот на останките на Цар Самоил го коментирам преку Бледскиот договор, со кој во Скопје беа донесени посмртните останки на Гоце Делчев

Полицијата уапси 12 возачи во последните 24 часа