
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека парламентот ќе постапи согласно процедурите доколку од Владата пристигне предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, дури и ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење.
„Ако до нас дојде иницијатива која е предложена од Владата, најверојатно ќе треба уште еднаш подетално да ја разгледаме, но ние се водиме според процедурите што ги имаме. Потоа, ако предлогот биде изгласан и некој се повика на уставноста, тогаш Уставниот суд е надлежен да оцени дали Собранието постапило согласно Уставот и законите. Ние не цениме уставност и уредност во процедурата“, изјави Гаши.
Тој нагласи дека како претседател на Собранието е должен да постапува според Деловникот, Законот за Собрание и Уставот, и дека секој предлог што ги исполнува овие критериуми ќе биде ставен во процедура.
Според законот, државниот јавен обвинител може да биде разрешен доколку стори тешка дисциплинска повреда или ако е член на политичка партија. Сепак, останува нејасно кој треба да утврди дали е сторена тешка дисциплинска повреда.
„Да не прејудицираме. Да видиме како ќе се изјасни Советот на јавни обвинители. Потоа ќе видиме како ќе реагира Владата. Ние како Собрание ќе постапуваме исклучиво врз основа на Уставот и Деловникот“, додаде Гаши.
Министерот за правда, Игор Филков, веќе изјави дека негативното мислење од Советот на јавни обвинители не значи дека постапката е завршена. Тој потсети дека при изборот на нов државен обвинител, Владата може да предложи само кандидат за кој Советот претходно дал позитивно мислење.