Утрински Весник
Македонија

Гаревски: Изгорениот мост „Беласица“ најрано може да биде пуштен до 15 јули

Гаревски: Изгорениот мост „Беласица“ најрано може да биде пуштен до 15 јули

Оштетувањата на мостот „Беласица“ се минимални и не довеле до нарушување на структурата на мостот, тврди градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, врз основа на првичните информации.

dobivaj vesti na viber

Арсовска претпладнево рече дека се преземаат потребните детални проверки за да се сочува безбедноста на граѓаните. Таа се надева дека анализата на фактичката состојба ќе биде готова наскоро по што и ќе се донесе одлука за санација на мостот и негово пуштање во употреба во најскоро време.

Професорот и директор на ИЗИС, Михаил Гаревски кој денес беше со градоначалничката, рече дека првично ќе се направи експертиза врз основа на проверката на сигурноста и оштетувањата на мостот, за што предвидува дека не би требало да трае повеќе од 20 дена. Според него, многу веројатно е дека експертизата ќе покаже дека ќе бидат потребни минимални санации, оти главната конструкција на мостот не е оштетена.

– 10-15 јули е најоптимистичкиот рок за враќање во употреба на мостот „Беласица“, доколку анализите покажат дека нема оштетувања на конструктивните елементи, рече Михаил Гаревски, директор на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени.

Тој додава дека по првичната анализа утврдиле дека има оштетувања на горната коловозна плоча кои мора да бидат санирани без разлика на наодите од деталните анализи кои допрва ќе следат.

– Веќе е извесно дека горната плоча во должина од пет метри има оштетувања и тие мора да бидат санирани, можеби и целосно одново треба да биде излеана, а има и оштетувања на бетонот во делот каде што бил пожарот кои исто така мора да бидат поправени. Тоа, најоптимистички може да биде завршено до 10 – 15 јули, доколку сè остане на вакви неконструкциски оштетувања. Дали ќе има потреба од посериозна санација, која не е возможно да се заврши за помалку од шест месеци, ќе покажат деталните анализи, вели директорот Гаревски за „Макфакс“.

Тој најави дека во следните 20 до 25 дена ќе прават анализи и ќе подготват целосен извештај за состојбата на мостот. Вели дека ќе земат примероци од бетонот, но и од челичните кабли за преднапрегрегање кои се носители на конструкцијата за да утврдат колкаво е оштетувањето.

– За да ги утврдиме конструктивните оштетувања многу е битен типот на пожарот. Доколку бил хидрокарбонски, пожар кој се случува најчесто по излевање големи количини нафта, на пример и кога за 5-6 секунди се развива температура од 1000 степени, очекувани се големи конструкциски оштетувања. Според досегашните информации, пожарот не бил хидрокарбонски туку почнал од запалени алишта, но и тоа допрва ќе го утврдуваме во соработка со одговорните институции. Многу е битно да утврдиме дали се оштетени каблите за преднапрегање. Тие се изолирани, во бетонот се, и не очекувам да имаат големи оштетувања, но тоа ќе го покажат анализите, – рече директорот Гаревски.

Голема грешка, според него е што нашата регулатива води сметка за заштита од земјотреси, а не се грижи за заштита од пожари оти трипати поголема е можноста мостот да падне по пожар отколку по земјотрес.

Гаревски вели дека голема олеснителна околност за мостот е тоа што конструкцијата не му е челична туку бетонкса, оти ако се работело за челична контрукција ќе било однапред јасно дека има оштетувања.

Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени ја прави нанализата за издржливоста на мостот откако градоначалничката Данела Арсовска тоа го побарала од нив. Тие утрово на мостот направија заедничка прес-конференција за да известат дека скопјани треба да се воздржат уште 20-25 дена, кога ќе биде готов извештајот за мостот, за официјално да се соопшти колкави се оштетувањата и каква санација ќе биде потребна.

Според Гаревски, би требало да се најде и брзо решение и мостот најверојатно ќе биде пуштен во употреба со дозвола за движење во една лента.

 

Можете да прочитате

Приведено и трето лице за убиството на докоторот пред поликлиниката во Железара

Тројца полициски службеници за несовесно работење во службата заработија кривични пријави 

Кривична пријава заработи лице кое заградило државно замјиште кај Бит Пазар и си наплаќал „арач“