
Полицијата денеска употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои ги блокираат француските средни училишта, во знак на протест поради недоволниот број просветни работници и лошите услови во училиштата.
Во Марсеј и во Нант, на претежно мирни собири, демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Државата го уби националното образование“. Во Тулуз, родителите маршираа низ градот во колона држејќи се за раце.
Но, во Стразбур, Лион и Рен, протестите станаа насилни, при што полицијата употреби солзавец, а демонстрантите подметнуваа пожари и фрлаа предмети на улиците.
Синдикатот на средните училишта соопшти дека повеќе од половината француските средни училишта се блокирани. Некои локални власти се обидоа да организираат настава преку интернет.
Групите за човекови права, учениците и групите на родители ги обвинија властите за употреба на непропорционална сила против демонстрантите. Владата тврди дека протестното движење е преземено од „надворешни лица“ и се претворило во урбано насилство.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека 6.100 лица, претежно малолетници, се приведени од почетокот на протестите.
– Повеќе од 1.800 лица се процесуирани, од кои 1.483 малолетници, соопшти Министерството за правда, без да ги прецизира прекршоците.
Додека канцеларијата на премиерот Себастијан Лекорну соопшти дека во протестите повредени се најмалку 715 полицајци и 215 тинејџери.
Лекорну им нареди на своите министри да се справат со главните барања на учениците. Тие вклучуваат замена за отсутните наставници, преиспитување на должината на училишниот ден и распоредот од осум до 18 часот, како и потребата од подолги паузи за ручек.

– Владата, исто така, ќе ги разгледа потребните поправки за постарите училишни згради, посочи Лекорну.


