Утрински Весник
Економија

Фонд за енергетска ефикасност – Размена на знаења меѓу Македонија и Косово

Img 3521 Scaled.jpg

Работна средба за енергетска ефикасност меѓу Македонија и Косово се одржа во Приштина. На средбата Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го преставуваа Елена Ивановска и Димитар Парнарџиев, а присутни на состанокот беа и Генералниот директор и оперативните директори на Фондот за енергетска ефикасност, како и претставници на Канцеларијата на Светска банка во Македонија и Косово.

Целта на средбата беше размена на искуства и најдобри практики во функционирањето на фондовите за енергетска ефикасност, со посебен акцент на искуствата на фондот во Косово – КФЕЕ, кои би можеле да помогнат во имплементацијата на работните процеси на Фондот за енергетска ефикасност кој се формира во Македонија.


Претставниците на КФЕЕ ги презентираа нивните методологии за работа, статусот и начинот на формирање на програми со проекти и нивното следење, начините на финансирање, техничкиот кадар и сите аспекти поврзани со операционализацијата и функционалноста на фондот за енергетска ефикасност. Особено беше истакнато дека косовскиот фонд – КФЕЕ, основан во јануари 2019 година, успешно спроведува мерки за енергетска ефикасност во јавни и станбени згради, со поддршка од Европската унија и Светската банка.

Овој фонд во Македонија ќе има клучна улога во финансирањето и спроведувањето на проекти за енергетска ефикасност во земјата, придонесувајќи кон намалување на потрошувачката на енергија и заштита на животната средина.

Претставниците на Светската банка ја истакнаа важноста на регионалната соработка и размената на искуства во областа на енергетската ефикасност, нагласувајќи дека ваквите иницијативи се од суштинско значење за одржливиот развој и економскиот напредок на земјите од регионот.

Можете да прочитате

Владата со мерки за високите цени на храната, ограничување на маржите до крајот на април

Ќе се замрзнува маржата на прехрабените продукти

АД ЕСМ и КфВ банка ги потпишаа договорите за реализација на ФЕ Битола 2 и втората фаза од ветерниот парк Богданци