Утрински Весник
Свет

Фон дер Лајен: Времето на илузии заврши, Европа е повикана да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана 

20250304113751 Big 730x400 6.webp.webp

Европа денес се соочува со истата задача како и пред 70 години, со потребата за изградба на заедничка одбрана насочена кон одвраќање на каков било напад однадвор, затоа што мирот во Европската Унија повеќе не може да се зема здраво за готово, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент на дебатата посветена на зајакнувањето на европската одбранбена архитектура и поддршката за Украина.

– Се разнишува европскиот безбедносен поредок и толку многу наши илузии се рушат, истакна Фон дер Лајен.


Според неа, по завршувањето на Студената војна, некои веруваа дека Русија може да се интегрира во економската и безбедносната архитектура на Европа, а други дека Европа може неодредено да се потпира на целосната заштита на САД и како резултат на тоа трошоците за одбраната од рутински просечни над 3,5 отсто беа преполовени.

– Мислевме дека уживаме во мировна дивиденда. Но, во реалноста, ние имавме само безбедносен дефицит. Времето на илузии сега заврши. Европа е повикана да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана. Не во некоја далечна иднина, туку веќе денес. Не со чекори, туку со храброст што ја бара ситуацијата. Ни треба наплив на европската одбрана. И ни треба сега, нагласи Фон дер Лајен.

Таа потенцира дека Европа секогаш се градела во криза и сега е моментот за „мир преку зајакнување“ и за заедничка европска одбрана.

– На Европскиот совет видов ниво на консензус за европската одбрана, што не само што е без преседан, туку беше и целосно незамисливо пред само неколку недели, истакна Фон дер Лајен.

Според неа, во ЕУ се создава ново сфаќање дека мора да се размислува поинаку и да се постапува соодветно, па затоа во наредните недели и месеци ќе бидат потребни поголема храброст и тешки избори поврзани со европската одбрана. Таа истакна дека зајакнувањето на европската одбрана пред се е потребно поради ситуацијата во Украина, каде постои итна потреба за пополнување на испразнетите воените резерви и за обезбедување цврсти безбедносни гаранции за земјата.

– Но, овој момент не се однесува само на Украина. Се работи за цела Европа и безбедноста на целиот наш континент. (Рускиот претседател Владимир) Путин постојано докажува дека е непријателски сосед. Нему не може да му се верува, може само да се одврати. И знаеме дека рускиот воен комплекс го надминува нашиот. Ако ги погледнеме воените трошоци во реални услови, Кремљ троши повеќе од цела Европа заедно, додаде претседателката на ЕК.

Фон дер Лајен истакна дека денес опсегот на закани со кои се соочува европскиот континент се зголемува од ден на ден, па затоа во оваа се поопасна ера, Европа треба да се засили.

– И тоа е целта на планот што им го претставив на лидерите минатата недела. Неговата логика е едноставна: сакаме да го искористиме секој финансиска лост што го имаме за да го зајакнеме и забрзаме нашето одбранбено производство.

Можете да прочитате

ЕУ ја поддржува иницијативата за мир во Украина

Објавени детали од договорот меѓу Украина и САД

Папата Франциск повеќе не е во животна опасност, соопштија денес лекарите