
Во присуство на претставници на Делегацијата на Европската Унија, амбасадите во земјава, судии, јавни обвинители, адвокати, Советот на ИКТ, како и претставници на меѓународни и домашни организации и донаторската заедница, се одржа 9-тиот состанок на Секторската работна група за правда.
На состанокот, министерот за правда Игор Филков истакна дека кадровското зајакнување е предуслов за успешна дигитализација и за функционално правосудство. Надзорот спроведен од Министерството за правда, како што беше посочено, покажал загрижувачки податоци за состојбата со човечките ресурси во правосудниот систем. Пополнетоста на судиските места изнесува 67 проценти, односно 432 од вкупно 636 предвидени позиции, додека судската служба е пополнета со само 36 проценти, што директно се одразува врз ефикасноста и времетраењето на судските постапки.
Токму овие констатации, како што нагласи Филков, претставуваат основа за преземање конкретни и координирани мерки, со цел во 2026 година да се зајакнат човечките капацитети на најкритичните точки во системот. „Иако во делот на прописите предвидуваме суштински промени, најважен останува човечкиот фактор. Потребни се стручни кадри на секое ниво во правосудството, за ефикасно функционирање и постапување во служба на правдата. Тука е потребна заедничка заложба на сите”, рече Филков.



