
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска беше во посета на Гостивар, од каде што порача дека во време кога институциите потфрлаат, СДСМ е меѓу граѓаните за да им помогне на оние на кои помошта сега им е најпотребна.
Во изјавата за медиуми, Филипче нагласи дека она што денес се случува во Гостивар е последица на неодговорното управување на власта и на целосниот институционален хаос.
„Очигледно е дека со оваа власт на Христијан Мицкоски и неговата организирана криминална група, повеќе нема прашање во сферата на политичката или моралната одговорност. Очигледно е дека се во прашање елементарните човекови права, граѓански права, тоа е правото на здрави и во тој контекст здравата почва, здравата вода”, рече Филипче.
Филипче посочи дека посетата на Гостивар нема за цел политизација на состојбата, туку конкретна поддршка за граѓаните кои се оставени сами да се справуваат со последиците од епидемијата.
„Нашата посета денес на Гостивар нема за цел да го политизираме прашањето, како што ВМРО сака да не обвини. Имаме за цел да им помогнеме на неколку категории граѓани кои никој не ги прашува како се, дали им е потребна некоја помош и затоа со неколку пакети помош денеска посетивме повеќе семејства на социјално загрозени категориии, на граѓани, постари луѓе, пензионери и тоа ќе продолжиме да го правиме и во следните денови”, рече Филипче.
Тој додаде дека граѓаните не смеат да бидат оставени сами во услови на ваква сериозна здравствена криза и дека институциите имаат обврска да работат во нивен интерес, а не да ја прикриваат сопствената неодговорност.
„Оставени во оваква ситуација, кога овој систем го менаџира само малата група на луѓе околу Христијан Мицкоски, граѓаните се оставени на себе да се справуваат со последиците од тој страшен систем”, рече Филипче.


