Утрински Весник
Македонија

Филипче до Левица: Откажете се од „мајка Русија и татко Мицкоски” и може да се обединиме

Image 2026 08 24 123051306.png

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска порача дека обединувањето на опозицијата може да биде само околу јасни проевропски политики и Фронтот за вистина и правда, а Левица прво треба да се откаже од своите проруски политики и од Христијан Мицкоски.

„Гледаме дека и прокси партијата на Христијан Мицкоски, тоа е Левица, се согласува за избори и повикува на некакво обединување на опозицијата. Обединувањето може да биде само со и зад Социјалдемократскиот сојуз на Македонија”, рече Филипче.

Тој посочи дека СДСМ веќе го објави Фронтот за вистина и правда, чиј главен постулат е европската иднина на Македонија.

„Левица е партија којашто е проруска партија, којашто имаше јасен транспарент дека НАТО се убијци во Собранието и доколку ги сменат своите политики и се откажат од своите ментори и финансиери, мајка Русија и татко Христијан Мицкоски, и тие се добредојдени во Фронтот за вистина и правда”, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ порача дека за политичко обединување потребна е јасна определба на Левица за НАТО, за Европската Унија и иднината на државата.

„Нека се откажат, нека кажат дека НАТО е добро за земјата и дека се за Европската Унија. Затоа што Европа и проевропските политики, патот напред кон Европа, е тоа што е главен постулат на нашиот Фронт за вистина и правда”, рече Филипче.

Тој додаде дека СДСМ веќе разговара со политички партии, граѓански организации, поединци и интелектуалци за проширување на Фронтот за вистина и правда.

„Ги повикуваме тука и имаме многу разговори со други партии, луѓе, поединци, граѓански организации, видни интелектуалци коишто очигледно е дека сфаќаат што се случува, дека оваа власт не прави ништо, дека нема добри политики за граѓаните”, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.

Можете да прочитате

Левица: ДПМНЕ ветуваше крај за паушалните сметки – ЕВН и натаму фактурира по претпоставка

Загина 42 годишник во битолско, со мопед излетал од патот

АХВ: Уништени над 27,5 тони небезбедно УХТ млеко поради зголемено присуство на афлатоксин