
Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, за време на посетата на Дамаск објави дека и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган планира наскоро да ја посети Сирија.
Една од главните теми на посетата на Фидан беше поврзана со прегледот на активностите што може да ги спроведе заедничката работна група меѓу Турција и Сирија на највисоко ниво, која треба да работи на унапредување на односите меѓу двете земји во сите сектори и да ги разгледа достигнувањата во нив. Ова беше јасно ставено до знаење во заедничката изјава на Хакан Фидан и негов иот сириски колега, министерот за надворешни работи, Асад Хасан Шибани, која беше емитувана во живо на официјалниот профил на турското Министерство за надворешни работи.
„Претседателот Ердоган планира наскоро да ја посети Сирија. Ова е посета што тој сакаше да ја спроведе долго време. Ние, пак, ги разгледавме темите на кои може да работи Заедничката група за планирање на високо ниво пред оваа посета и мојата денешна посета е важна и од оваа гледна точка“, рече Фидан.
Турскиот министер за надворешни работи го пофали напредокот на односите меѓу Турција и Сирија по падот на режимот на Башар ал-Асад.
„Како што знаете, старата Сирија беше изолирана од светот и го угнетуваше својот народ, режимот ја експлоатираше и му ја пиеше крвта на народот. Заминувањето на старата Сирија и доаѓањето на новата Сирија, како што сите гледаат, донесе стабилност во регионот, мир во земјата, економски раст и борба против тероризмот“, рече шефот на турската дипломатија.
Фидан, исто така, ги коментираше чекорите кон целосно распуштање на сириските курдски милиции и нивната интеграција во државните структури во Сирија.
„Постои важен и конструктивен одговор на конструктивните чекори на сириската влада. Се надевам дека без губење време, ова ќе се спроведе во пракса и ќе ги видиме резултатите“, рече Хакан Фидан.
Тој изјави дека единството и територијалниот интегритет на Сирија се важни за нејзиниот подем и економски развој, како и за сите граѓани да се чувствуваат безбедно.
„За време на процесот на интеграција, се стремиме граѓаните од курдско потекло да се чувствуваат побезбедно, послободно и да имаат поголема благосостојба. Ова е перспективата на Турција. Нашиот претседател придава големо значење на благосостојбата, стабилноста и безбедноста на нашите курдски браќа, особено во Сирија и Ирак“, рече Фидан.

За време на посетата на Дамаск Фидан се сретна со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара и одржа трилатерален состанок, на кој, покрај сирискиот министер за надворешни работи, учествуваше и министерот за внатрешни работи Енес Хатаб.

