Во Европската Унија најчесто се фалсификуваат банкноти од 50 и 20 евра, што е и логично бидејќи се најчести банкноти и истовремено „вредат“ повеќе од 10 евра, а има многу помали шанси некој да ги земе под лупа за разлика од банкнотите од 100 или 200 евра, пренесува Дојче веле.
Но, со помош на Европол, шпанската полиција во Толедо разби синџир фалсификатори на пари кои исковале половина милион „многу квалитетни“ фалсификувани монети од две евра.
Полицискиот улов беше опишан како „најважната“ операција против фалсификување во Европа во последните 10 години.
Уапсени се 10 кинески државјани, а шпанската полиција соопшти дека ги бркала шест години. Се вели дека монетите се исклучително тешки за следење.
Економската штета не е позната, бидејќи половина милион монети од две евра се вкупно еден милион евра тешка измама. Но, главни ефекти на акцијата се психолошки бидејќи државата мора да гарантира дека парите во оптек се автентични.
Монетите немаат холограми и безбедносни печати како хартиените пари. Но, повторно имаат доволно карактеристики што тешко се копираат.
-Не треба да сте експерт за да разликувате фалсификувани и вистински монети – пишува на веб-страницата на германската Федерална банка.
Тие наведуваат дека симболите втиснати на монетата евро се подигнати и јасно се гледаат контурите. На рабовите на монетите има и симболи и испакнатини, така што и слепите луѓе можат да ги препознаат. Фалсификаторите тешко ги копираат верно.
Луѓето веројатно не се шетаат со магнети во џебовите, но германската Федерална банка вели дека магнетот е прилично добар начин да се потврди автентичноста.
-Поради посебниот безбедносен материјал, средниот дел на кованицата од две евра е малку магнетен. Тоа значи дека монетите се малку подигнати од магнетот, но ќе паднат штом магнетот малку се затресе – се наведува на веб-страницата на банката.
-Вистинските монети од еден, два и пет центи се обложени со бакар и се многу магнетнизирани“ – додаваат на веб-страницата на банката.