Седмото издание на целодневниот џез хепенинг под наслов „Today It’s All About Jazz“, организиран од страна на Здружението за џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје, ќе се одржи денеска со почеток во 13 часот во паркот „Ибни Пајко“.
Како што најавуваат од ЗЏМ Скопје, програмата ќе започне со џез за деца и млади, па потоа ќе следува Квартет – Акварела, Никола Бочваров – Квартет, Филип Динев Трио – Филиp Динев/Тилман Обербек/Јан Цајмец, ЗЏМ Биг Бенд – Прект Запа, Јуре Пукл Орган трио – Јуре Пукл/Марко Чрнчец/Крис Смит и Адедџи “Јорува Одисеја”.
Меѓународниот ден на џезот е прогласен во 2011 година од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации со цел „да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето во сите краишта на светот“.
Овој ден се слави секоја година на 30 април, а идејата за негово одбележување потекнува од џез-пијанистот и амбасадор на добра волја на УНЕСКО, Херби Хенкок. Со Денот на џезот претседаваат Хенкок и генералниот директор на УНЕСКО. Прославата е забележана во календарите и на УНЕСКО, и на Обединетите нации.
Здружението на џез музичари, ЗЏМ Скопје, по 7ми пат ја организира централниот настан кој го одбележува Меѓународниот ден на џезот во земјава, за што има и официјална потврда и благодарница од самиот Херби Хенког.