Утрински Весник
Македонија

Европа под вето: Македонскиот пат меѓу принципи и интереси

Adria forum 0424 251007 vid.jpg

Пишува: проф д-р Иван Анастасовски

Процесот на проширување на Европската Унија, некогаш симбол на стабилност, визија и вредности, денес се почесто се претвора во арена на национални интереси и политички калкулации. За Македонија, овој процес не е само техничка процедура на усогласување со европското законодавство, туку долготрајна политичка битка во која ветото станува клучна алатка на моќ.Во својата суштина, ветото е инструмент што треба да го заштити принципот на консензус и рамноправност меѓу државите членки. Но, кога се користи за билатерални прашања, историски интерпретации или идентитетски теми, тогаш тој инструмент ја губи својата легитимност и се претвора во механизам на блокада, како што е случај во нашата држава. Македонското искуство е најдобар пример за тоа како европската интеграција може да биде заложник на прашања што излегуваат надвор од формалните критериуми за членство.


Проблемот не е само во тоа што процесот се забавува. Проблемот е што се еродира довербата во самата идеја за Европската Унија како заедница на вредности. Кога правилата стануваат флексибилни, а критериумите селективни, тогаш се испраќа порака дека политичката тежина е поважна од принципите. За мала држава како Македонија, тоа значи постојана неизвесност и чувство дека напредокот не зависи само од реформите, туку и од волјата на другите. Сепак, одговорноста не е еднострана, нашата држава мора да продолжи со реформите, да го зајакне институционалниот капацитет и да ја консолидира демократската култура, а особено да биде решителна во борбата против корупција која го јаде внатрешно нашето општество. Но истовремено, мора појасно да ја артикулира својата позиција на меѓународната сцена и да гради сојузништва што ќе го намалат просторот за блокади (особено Франција – Германија).

Европската Унија, пак, се соочува со сопствена дилема: дали ќе остане доследна на своите вредности или ќе дозволи процесот на проширување да стане инструмент на внатрешни политички игри. Доколку ветото продолжи да се користи како средство за наметнување на билатерални агенди, ризикот е јасен, проширувањето ќе ја изгуби својата трансформативна моќ, а регионот ќе остане во сива зона меѓу интеграцијата и стагнацијата.Македонскиот пат кон ЕУ денес е повеќе од геополитичка ориентација, тој е тест за кредибилитетот на европскиот проект. Прашањето не е само кога Македонија ќе стане дел од Унијата, туку каква Унија ќе ја пречека: онаа на вредности или онаа на вета. Во таа дилема лежи вистинската тежина на европската иднина.

Затоа во прилог на оваа писание би сакал да ви предочам дел од моите одговори кои се однесуваат на ова прашање а се дел од истражувања на студентите и воедно ме радува податокот дека нашата младина (студентите) се интересираат за овие прашања и настојуваат преку силен акадмски начин да го публикаваат оваа прашање кое да не заборавиме сепак е горливо за нашата држава.

Првин мора да се одговори кои фактори влијаат врз тоа дали една земја ќе се приклучи кон ЕУ?Одлуката дали една држава ќе стане членка на ЕУ е резултат на сложена интеракција помеѓу формални критериуми и политички динамики. Формално, клучни се т.н. Копенхагеншките критериуми, кои опфаќаат стабилност на демократските институции, владеење на правото, почитување на човековите права и функционална пазарна економија. Дополнително, постои и административниот капацитет за имплементација на европското законодавство (acquis communautaire).Сепак, во практика, процесот е силно политизиран. Политичката волја на земјите-членки игра пресудна улога, особено во чувствителни геополитички контексти. Геостратешките интереси на Унијата, како стабилноста на регионот или влијанието на трети актери (на пример Русија и Кина), исто така влијаат врз темпото на проширување. Во случајот на Македонија, иако формалните критериуми често се оценуваат како исполнети или во напредна фаза, билатералните прашања со Бугарија покажуваат дека идентитетските и историските спорови можат да станат одлучувачки фактор, надвор од класичните критериуми.

Дали правото на ветото понекогаш се злоупотребува? Правото на вето е суштински дел од институционалниот дизајн на ЕУ, особено во областа на проширувањето, каде што се применува принципот на едногласност. Неговата првична цел е да ги заштити националните интереси на државите-членки. Сепак, постојат аргументи дека ова право може да биде инструментализирано. Во одредени случаи, ветото се користи за прашања што не се директно поврзани со европското законодавство или реформските процеси, туку со билатерални историски, културни или идентитетски спорови. Блокадата на Македонија од страна на Бугарија често се наведува како пример за таква „екстернализација“ на билатерални прашања во европскиот процес. Ова отвора дебата дали ветото, наместо заштита на легитимни интереси, понекогаш служи како средство за политички притисок, што може да ја наруши предвидливоста и кредибилитетот на процесот на проширување.

Дали оваа ситуација одразува поширок проблем во процесот на проширување на ЕУ?Апсолутно овој случај може да се интерпретира како симптом на пошироки структурни слабости во процесот на проширување. ЕУ формално функционира како нормативна сила, базирана на правила и стандарди, но во практика често се соочува со т.н. „credibility gap“, јаз помеѓу ветувањата и реалните политики. Проширувањето станува се повеќе предмет на внатрешни политички калкулации во земјите-членки. Ова води кон „ренaционализација“ на процесот, каде што националните агенди имаат предност пред заедничката европска стратегија. Дополнително, недостигот на јасни механизми за управување со билатерални спорови создава простор тие да го блокираат целиот процес.Дали билатералните спорови стануваат се почести во проширувањето на ЕУ?Постојат индикации дека билатералните спорови стануваат сe повидливи и поинструментализирани во процесот на проширување. Историски, вакви прашања постоеле (на пример, спорот меѓу Грција и Македонија околу името, решен со договорот од Преспа), но новата фаза се карактеризира со нивно директно вградување во преговарачката рамка. Оваа тенденција може да се објасни со неколку фактори: зголемен евроскептицизам во некои земји-членки, замор од проширување (enlargement fatigue), и користење на европските механизми за домашнополитички цели. Како резултат, билатералните прашања стануваат не само почести, туку и посилно поврзани со институционалниот процес.Конечно дали ЕУ треба да го промени својот систем за донесување одлуки?

Прашањето за укинување на едногласноста е едно од најконтроверзните во дебатата за иднината на ЕУ. Од една страна, преминот кон квалификувано мнозинство би можел да ја зголеми ефикасноста на процесот на проширување и да спречи блокади базирани на билатерални спорови. Ова би придонело кон поголема предвидливост и кредибилитет.Од друга страна, малите и средни држави-членки го гледаат ветото како клучен инструмент за заштита на нивните национални интереси. Неговото укинување би можело да создаде перцепција на доминација од страна на поголемите држави. Можно компромисно решение е ограничување на ветото само на строго дефинирани области или воведување механизми што ќе спречат злоупотреба, без целосно укинување на едногласноста.

Можете да прочитате

Четворица малолетници ограбиле маркет во ГТЦ

Муцунски за вооружениот напад во Вашингтон: Насилството нема место во демократијата

74 годишна жена тешко повредена при нагло кочење на автобус