Утрински Весник
Балкан

Ердоган: Турција од увозник до светски фактор во одбранбената индустрија

20251028182305 big 730x400 52.webp.webp
Dik 300x250 mk

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган учествуваше на отворањето на воена фабрика за производство на најнова генерација тенкови и оклопни возила. На церемонијата, која беше пренесувана во живо на социјалните мрежи, беа официјално претставени и првите тенкови „Алтај“ од најновата генерација.

– За време на тестирањата, подобрениот модел поминал 35 илјади километри, покажал висока издржливост против мини и испукал 3.700 проектили, со што успешно ги минал испитувањата. Катар е партнер на Турција во развојот на проектот – посочува Анадолија.


Во својот говор, Ердоган зборуваше за развојот на производствениот капацитет и одбранбената индустрија на Турција во изминатите 23 години и нивото до кое земјата денес достигнала, станувајќи незаобиколен фактор.

– Сакам да ве вратам 20-25 години наназад. Можевме ли во нашата земја да произведеме дури и една значка? Значка! Не зборувам за оружје. Не! Но, сега треба да сме благодарни што постои Турција, која може да произведе свои оружја. Во нашата одбранбена индустрија не произведувавме ни 20 отсто (од потребното), а сега достигнавме 80 отсто. Дронови…  Имавме ли такви можности? Немавме. Но, сега постои Турција која произведува дронови, борбени дронови, оклопни возила – рече Ердоган.

Турскиот претседател зборуваше за потребата од модерна одбранбена инфраструктура во контекст на новата геополитичка реалност.

– Во светот каде што живееме, постојано се соочуваме со реалноста во која не е доволно да се биде во право. За да го браните своето право, мора да бидете силни. Го видовме тоа во Босна во 1990-тите. Подоцна, во текот на 14 години, го набљудувавме во соседна Сирија. Последно го видовме геноцидот во Газа, при кој 70 илјади невини луѓе ги загубија животите – истакна тој.

Ердоган го претстави планот според кој ќе работи новата фабрика – секој месец ќе произведува по осум тенкови „Алтај“ и 10 оклопни возила. Ќе работат 1.500 луѓе и ќе бидат интегрирани роботски системи, сензорски технологии и симулатори.

– Целта што си ја поставуваме со тенкот „Алтај“ е да не зависиме од никого за најважните делови при неговото производство. Како што сега го достигнавме овој степен, и покрај ембаргото врз земјата, и оттука натаму ќе продолжиме успешно по тој процес. Го кажувам ова секој пат и денес ќе го повторам: тешкотиите што се појавуваат на патот кон постигнувањето на нашите цели можат само да нè забават. Можат да нè натераат малку да задоцниме, но во никој случај не можат да нè спречат да стигнеме до нашиот обем. Или ќе најдеме пат, или ќе пробиеме пат, но на крајот ќе ги постигнеме нашите цели. Верувам дека оваа стратешки и исклучително високо модерна фабрика ќе нè доближи за уште еден чекор кон нив – рече турскиот претседател и нагласи дека неговата земја е на 11-то место во извозот на воени технологии и има над 1.400 проекти во одбранбената индустрија.

Можете да прочитате

Во Црна Гора уапсени осум лица поради насилство и поттикнување национална и верска омраза

Словенија: Подигнат споменик за мигрантите погребани во неименувани гробови, а кои загинале на Балканската рута

40 години казна затвор за возење по дејство на алкохол во Србија – се предлагаат најстроги казни за пијани возачи