Утрински Весник
Свет

Енди Барнам денеска и официјално избран за нов лидер на британската Лабуристичка партија

20260717144715 big 730x400 40.webp.webp

Идниот британски премиер Енди Барнам денеска беше официјално прогласен за нов лидер на Лабуристичката партија откако беше единствен кандидат што ги исполни условите за избор и ја доби поддршката од пратениците и придружните организации на партијата – објави „Скај њуз“.

Претседателката на Националниот извршен комитет на лабуристите, Шабана Махмуд, рече дека Барнам е легитимно избран лидер на партијата.


Тој доби 379 номинации од пратениците на лабуристите и 23 номинации од придружните синдикати и социјалистичките друштва.

Махмуд оцени дека резултатот од изборите „не е многу убедлив“, со оглед на тоа што имаше само еден кандидат што ги исполни условите за номинација.

Во своето прво обраќање по прогласувањето за лидер, Барнам им се заблагодари на членовите на партијата, синдикатите, социјалистичките друштва и на пратениците за нивната поддршка велејќи дека тоа е „емотивен момент“ за него и неговото семејство.

„Каков момент и каква поддршка ми дадовте“, рече Барнам додавајќи дека е благодарен за поддршката од сите делови на лабуристичкото движење.

Тој рече дека поддршката што ја добил била одговор на повикот од луѓе во, како што ги нарече, „заборавените места“ во Велика Британија за враќање на Лабуристичката партија каква што некогаш ја знаеле.

Новиот лидер на Лабуристичката партија исто така, му се заблагодари на поранешниот лидер на партијата, Кир Стармер, велејќи дека сака да гради врз темелите што ги поставил.

Барнам објави пет приоритети за промена на партијата.

Како своја прва цел, тој ја наведе изградбата на „култура на еден лабуристички тим“, со порака дека внатрешните поделби се најштетни за луѓето на кои најмногу им е потребна поддршката од Лабуристичката партија.

Други приоритети што ги наведе се градење „нова политика“, промена на политичката насока на партијата, зајакнување на присуството на Лабуристичката партија во сите делови на Велика Британија, вклучувајќи ги Шкотска, Велс и Северна Ирска, како и префрлање на поголема моќ од Вестминстер и Вајтхол на локалните заедници.

Барнам претходно беше министер за здравство и градоначалник на Голем Манчестер.

Како нов лидер на Лабуристичката партија, тој сега го презема раководството на главната партија во Велика Британија.

Формалното предавање на должностите и средбата со кралот Чарлс III е закажано за понеделник, 20 јули, кога Бернам официјално ќе ја формира новата британска Влада.

Можете да прочитате

Oбвинувањата на Трамп за мешање во изборите за официјален Пекинг се „чисти измислици“

Иран за првпат ја нападна Сирија, сообраќајот низ Хормуз е запрен

(Видео) Огромно свлечиште затрупа згради во Кина, луѓе заробени под урнатините