
Делови од германската престолнина веќе трет ден се соочуваат со сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија, откако радикалната група „Вулкангрупе“ ја презеде одговорноста за саботажа на електроенергетската инфраструктура. Во соопштение објавено на интернет, групата наведува дека нападот бил насочен против фосилната индустрија и, како што велат, „владејачката класа“.
Последиците, сепак, се далеку пошироки околу 45 илјади домаќинства и повеќе од 2.200 компании останаа без струја и греење, во услови на температури под нулата. „Вулкангрупе“, која и претходно беше доведена во врска со нападот врз фабриката на „Тесла“ во 2024 година, во својата порака испрати иронично извинување до граѓаните со пониски приходи, додека истакна дека нема никакво сочувство за, како што ги нарекува, сопствениците на луксузни вили.
„Станува збор за чин на саботажа кој директно загрозува човечки животи. Неприфатливо е левичарски екстремисти повторно да ја напаѓаат инфраструктурата и да ги оставаат болниците, домовите за стари лица и семејствата на смрзнување“, изјави градоначалникот на Берлин, Каи Вегнер.
Од полицијата информираат дека објавеното писмо се смета за автентично, а истрагата е фокусирана на идентификување и лоцирање на припадниците на оваа милитантна група, која, според безбедносните служби, дејствува на територијата на Германија повеќе од десет години.



