Утрински Весник
Свет

Екстремистички напад ја парализира енергетската мрежа во Берлин

Struja steker.jpg

Делови од германската престолнина веќе трет ден се соочуваат со сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија, откако радикалната група „Вулкангрупе“ ја презеде одговорноста за саботажа на електроенергетската инфраструктура. Во соопштение објавено на интернет, групата наведува дека нападот бил насочен против фосилната индустрија и, како што велат, „владејачката класа“.

Последиците, сепак, се далеку пошироки околу 45 илјади домаќинства и повеќе од 2.200 компании останаа без струја и греење, во услови на температури под нулата. „Вулкангрупе“, која и претходно беше доведена во врска со нападот врз фабриката на „Тесла“ во 2024 година, во својата порака испрати иронично извинување до граѓаните со пониски приходи, додека истакна дека нема никакво сочувство за, како што ги нарекува, сопствениците на луксузни вили.

„Станува збор за чин на саботажа кој директно загрозува човечки животи. Неприфатливо е левичарски екстремисти повторно да ја напаѓаат инфраструктурата и да ги оставаат болниците, домовите за стари лица и семејствата на смрзнување“, изјави градоначалникот на Берлин, Каи Вегнер.

Од полицијата информираат дека објавеното писмо се смета за автентично, а истрагата е фокусирана на идентификување и лоцирање на припадниците на оваа милитантна група, која, според безбедносните служби, дејствува на територијата на Германија повеќе од десет години.

Можете да прочитате

Сирија и Ирак запленија 2,5 милиони таблети Каптагон

Зеленски: Украина никогаш не била и нема да биде пречка за мирот

Си Џјинпинг до Карни: Кина и Канада треба да бидат партнери