
Европската комисија започна формална постапка за да утврди дали арбитражната одлука со која Бугарија треба да ѝ исплати оштета на малтешката компанија АЦФ е усогласена со правилата на Европската унија за државна помош. Со одлуката на арбитражниот суд, донесена во јануари 2024 година, се утврдува дека Бугарија го прекршила Договорот за енергетската повелба, откако во периодот од 2013 до 2015 година трипати ја изменила шемата за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори. Поради овие промени, арбитражата ѝ наложила на Бугарија да ѝ исплати на АЦФ 61,04 милиони евра, заедно со камата, како надомест за настанатите загуби. Постапката била покрената по тужба на АЦФ, која во 2012 година инвестирала во бугарскиот сектор за обновлива енергија со купување соларна фотоволтаична електрана.
Инвестицијата била направена врз основа на државна шема за поддршка воспоставена во 2011 година, но по нејзините измени, финансиската поддршка за компанијата била значително намалена. По донесувањето на арбитражната пресуда, Бугарија, согласно правилата за државна помош, ја информирала Европската комисија, но досега не извршила исплата кон малтешката компанија. Во својот прелиминарен став, Европската комисија оценува дека евентуалната исплата на средствата би можела да се смета за државна помош според член 107 став 1 од Договорот за функционирање на ЕУ, што би било некомпатибилно со правилата на внатрешниот пазар. – Комисијата ќе ја испита мерката во целост, вклучително и нејзината усогласеност со договорите на ЕУ и влијанието врз внатрешниот пазар, соопштија од Европската комисија. Според европските правила, државна помош за компании може да се додели само со претходно одобрение од Европската комисија, која проценува дали таквата помош е дозволена во рамки на единствениот пазар.


