Утрински Весник
Култура

Едукативни работилници на МТФ „Војдан Чернодрински“ за ученици и наставници

Едукативни работилници на МТФ „Војдан Чернодрински“ за ученици и наставници

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во своето 57. издание воведува содржини во текот на целата година. Меѓу нив ќе биде едукативната работилница што ќе започне од утре (19 ноември) во Прилеп. Работилницата ќе ја води режисерот и едукатор Милош Б Андоновски, а ќе биде наменета за наставници и ученици од прилепските основни училишта „Кочо Рацин“ и „Св. Климент Охридски“ и средните училишта „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“.

dobivaj vesti na viber

Работилниците ќе се одвиваат во репетиционата сала на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, а фокусот ќе биде врз истражување и проучување на театарската уметност и неговите сфери: актерството, драмското пишување, сценографијата, костимографијата, критиката.

„ Овој концепт и воведувањето на едукативната програма, не само што го прават фестивалот поотворен од кога било, туку нудат и ретка можност за меѓугенерациско учење: наставници, ученици и актери на различна возраст заедно да работат и да учат едни од други. Целта на оваа едукативна програма во рамките на МТФ „Чернодрински“ е само првиот чекор кон она што сите нѐ чека по завршувањето на фестивалот – генерирањето нова публика и нови очи, коишто повторно и повторно ќе му се враќаат на гледањето театар – вели режисерот Андоновски.

Тој надополнува дека во работилниците ќе се вклучат и неколкумина актери од прилепскиот ансамбл, кои ќе се среќаваат со учениците и наставниците еднаш неделно, сѐ до почетокот на фестивалот во јуни.

Месечните работилници ќе бидат тематски одредени и поврзани со драмата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, којшто, воедно, е и автор во фокус на 57. издание на фестивалот.

Директорката на фестивалот, Ана Стојаноска посочува дека секоја година ќе ротираат по две средни и две основни училишта. До почетокот на февруари, ќе има и презентација на сработеното, дополнува Стојаноска.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“