
Проф. д-р Андреј Петров, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, зборуваше за сопствената политичка одговорност, периодот во кој бил дел од СДСМ, но и за пропустите што, според него, биле направени во минатото.
Одговарајќи на прашањето дали тогашните функционери носат дел од одговорноста за состојбите во земјата, Петров нагласи дека никогаш не бил дел од извршната власт, туку бил пратеник во опозиција и градоначалник.
„Јас никогаш не сум бил дел од влада. Владата е носител на работите. Меѓутоа, сум бил член на парламентот, но во опозиција“, рече Петров.
Осврнувајќи се на периодот кога ја извршувал функцијата градоначалник на Карпош, тој рече дека е задоволен од она што било направено во неговиот мандат и дека смета оти таквото мислење го делат и дел од граѓаните на општината.
Сепак, Петров призна дека во областите во кои бил директно вклучен како политичар и функционер можело да се направи значително повеќе.
„Мислам дека сме можеле многу подобро во некоја област. Сме можеле многу повеќе да направиме“, рече тој.
Како еден од најголемите пропусти, Петров го посочи односот кон младите, односно недоволното отворање простор за нови и квалитетни кадри да напредуваат и да преземат поголема одговорност.
„Можеле повеќе да покажеме дека младите се силата, дека квалитетот треба да се форсира“, истакна Петров.
Според него, недоволното вклучување на младите и квалитетните кадри одамна не е само партиски проблем, туку прашање што го засега целото општество. Како една од последиците го посочи иселувањето на образовани и способни луѓе кои повеќе не ја гледаат својата перспектива во Македонија.
Петров се осврна и на начинот на кој дел од граѓаните, особено младите, денес ја доживуваат политиката.
„Луѓе кои не сакаат да останат тука, луѓе кои не сакаат да чујат што политиката се занимава, затоа што ја сметаат за нешто валкано“, рече Петров.
Според него, дополнителен проблем е перцепцијата дека дел од луѓето влегуваат во политиката за лична корист и акумулација на капитал. Петров смета дека таквата слика за политиката мора да се менува доколку се сака повторно вклучување на граѓаните, а особено на младите.
Во тој контекст, тој зборуваше и за иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“, посочувајќи дека групата продолжува да разговара со поширок круг општествени актери, меѓу кои интелектуалци, професори и други луѓе кои можат да придонесат во процесот.
„Тоа нема да застане. Не велиме дека сме дошле, не сме дошле ни до половина од патот“, порача Петров.
Тој најави дека разговорите ќе продолжат и во следниот период, со намера во процесот да бидат вклучени што повеќе луѓе и да се дојде до пошироки промени во политичкиот и општествениот живот.


